„Десниот“ Гувернер на „ лево десната“ претседателка Сиљановска Давкова
Ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.
Зошто претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која во инаугуративниот говор велеше дека „никогаш не ни било потребно поголемо единство“ и дека ќе биде „претседателка и на левата и на десната страна“, при изборот за гувернер на Народната банка се одлучи баш за „десниот“ Трајко Славески?
Зошто? Па убаво си е кажано во соопштението од нејзниот кабинет, дека „претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот“.
Од сите три критериуми, над стручноста и дигнитетот, при одлуката превагнал последниот – реалната можност за именување на кандидатот. Значи, оној што има најмногу гласови во Собранието.
Претседателката во политиката е реалистка. Да не кажам, опортунистка, оти тоа звучи грдо, а таа им се лути на новинарите кога ја критикуваат.
Ама, изборот на гувернер, клучна функција што ја предлага шефот на државата, е добар повод да се потсетиме дека во нејзиниот пристапен говор на 12 мај минатата година, таа кажа дека довербата од 560.000 гласачи била резултат на хармонија меѓу математиката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и нејзините емоции.
Е па, тоа е. При изборот на кандидат за гувернер на Народната банка кај претседателката натежнала математиката.
А нам ни останува да се надеваме дека Славески ќе управува со Народната банка подобро отколку што управуваше со Советот на Град Скопје. Од инает, скопјани змии ќе ги изедат. Белким нема за инает да го девалвира денарот.
3Британската и македонската Влада потпишаа договор за соработка со кој на Македонија ѝ се ставаат на располагање 5 милијарди фунти (околу 6 милијарди евра) за финансирање на капитални проекти во повеќе стратешки сектори.
Ќе ѝ аплаудираме на Владата за овој потег кога ќе видиме дека нема да ги украдат парите. Ако ништо друго, ќе мора да се спремат сериозни проекти и нема да бидат потрошени за „Скопје 2014“, туку за реконструкција на пругата од Табановце до Гевгелија и за неколку болници.
Зошто Британија ѝ дава кредит на Македонија?
Затоа што Велика Британија во моментов е втор најголем инвеститор, а и повеќе од половината од трговијата на Обединетото кралство со земјите од Западен Балкан е баш со Македонија. Така што, економската логика е јасна – нам ни требаат пари за развој, а британската влада им помага на британските компании да го шират бизнисот во странство. Затоа и во проектите ќе мора да бидат вклучени најмалку 20 проценти британски фирми, што е сосема ОК – ќе донесат британски стандарди на работа. А и на тие британски фирми ќе им требаат локалци.
Е сега, останува само уште прашањето со која камата ќе треба да се враќа тој кредит. Премиерот Мицкоски не ја кажува каматната стапка затоа што има истенчено чувство за драматургија. Се води според принципот „Чеховски пиштол“ – ако извадиш пиштол во првиот чин, до третиот мора да испука.
Мицкоски прави драма од сѐ – не може сите детали на приказната да ги открие одеднаш, мора секој ден да вади нов детал за да го влече драмското дејство. И сѐ да биде историско.
Значи, ако во првиот чин Мицкоски зборуваше за „стратешко партнерство со една моќна европска држава“, во вториот чин најавуваше „убава вест за Македонија“, до третиот чин ќе мора да ја каже и каматната стапка по која ќе го земеме кредитот.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК





