„Еднаква“: Мизогинијата и оправдувањето на контролата врз жените немаат место во јавниот медиумски простор
Женската медиумска мрежа „Еднаква” изразува сериозна загриженост поради ставовите искажани во емисијата „Под лупа” на телевизија „Алфа”, во која лидерот на партијата Македонски концепт и доцент на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, Петар Богојески, го претстави феминизмот како причина за, како што тој кажа „неадекватно однесување на жените”, поврзувајќи го со нивното отфрлање на машкиот надзор, а контролата врз сопругите ја дефинираше како задача и обврска на мажот.

Ваквите изјави не се само лични ставови за родовите односи. Тие промовираат длабоко патријархални и мизогини сфаќања, во кои жената се поставува во подредена позиција, а контролата врз нејзиниот живот, однесување и одлуки се претставува како легитимно право, па дури и обврска на мажот.
Особено загрижувачко е што ваквите пораки се искажани од јавна личност, дел од наставен кадар на еминентна институција и тоа во телевизиска емисија на национален концесионер, во јавен медиумски простор, без соодветна реакција, критичко дистанцирање или модерација од страна на новинарката. Слободата на изразување и правото на различно мислење се темелни демократски вредности, но тие не ја ослободуваат редакцијата од одговорноста да обезбеди професионален контекст, да постави критички прашања и да не дозволи дискриминаторски и понижувачки наративи да поминат како општествено прифатливи ставови.
Улога и обврска на медиумите е да создадат безбедна, инклузивна и недискриминаторска медиумска средина, да не нормализираат вакви наративи, ниту да ги третираат како обична дебата за родовите улоги. Кога контролата врз жените се претставува како право на мажите, се релативизираат принципите на еднаквост, автономија и достоинство и се создава простор за оправдување на родово заснованото насилство.
Повикуваме на одговорно и професионално медиумско постапување, особено кога станува збор за теми што директно ги засегаат човековите права и достоинството на жените.






