Убедена сум дека ќе останам имуна на притисоците – вели новата шефица на ОЈО ГОКК
Одговарајќи на новинарски прашања, Хаџи Василева рече дека обвинителската работа по својата суштина е изложена на притисоци, но дека работата на обвинителите е да бидат резистентни, да поставуваат граница на тие притисоци и да не се плашат

Новоизбраната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Искра Хаџи Василева, е убедена дека ќе остане имуна на притисоците на кои, како што вели, е природно обвинителската работа да биде изложена.
На прашање на медиумите како ќе ги охрабри колегите обвинители да не бидат подложни на притисоци и дали таа ќе остане имуна на притисоците, Хаџи Василева вели:
„Дали ќе останам имуна? Секако, вие (новинарите) будно ќе следите. Јас сум убедена дека ќе останам имуна.“
Таа вели дека обвинителската работа по својата суштина е изложена на притисоци, но дека работата на обвинителите е да бидат резистентни, да поставуваат граница на тие притисоци и да не се плашат.
„Притисоците веројатно се дел од човечката природа, исто како и интегритетот, за кој сум убедена дека го поседува голем дел од обвинителите“,изјави Хаџи Василева одговарајќи на новинарски прашања.
Прашана како би постапила доколку ѝ се јави носител на висока државна функција, меѓу кои и премиерот, таа рече дека институционалната комуникација е нормална, но не и евентуалните интервенции во конкретни предмети.
„Видете, органите, државните институции не е ништо спорно да соработуваат и тоа е веројатно дел од нешто што е исто така природно, логично, разумно и нешто што се случува секаде. Ако мислите на некакви интервенции или ургенции, тоа е веќе друго прашање. Се разбира дека ние на крајот на денот според Уставот сме самостојни и одлучуваме врз основа на право, факти и докази“изјави новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, која има 11-годишно обвинителско искуство, победи на минатонеделните непосредни избори за нов шеф на ОЈО ГОКК. На оваа функција ќе го наследи обвинителот Ислам Абази






