Студија: Подолго образование го намалува ризикот од деменција, дури и кај лицата со висок генетски ризик
Бројни истражувања покажуваат дека повисокото ниво на формално образование е поврзано со помал ризик од развој на Алцхајмерова болест, но нова студија открива дека подолгото школување носи здравствени придобивки и ја намалува опасноста од деменција, дури и кај лицата со висок генетски ризик за болеста.

Претходни истражувања исто така покажале дека лицата со повисоко ниво на образование поретко заболуваат од деменција, без можност да се утврди точната причина за оваа поврзаност. Прашањето е дали станува збор за влијание од самото формално образование или пак, за социоекономскиот статус, кој исто така може да влијае врз ризикот од развој на деменција.
Во новото истражување, научниците од Универзитетот во Јужна Калифорнија се обиделе да дадат одговор на овие прашања, користејќи ги медицинските податоци од британската база „UK Biobank“ и околностите што се создале пред неколку децении со донесувањето на законската реформа во образованието.
Станува збор за реформата за задолжително образование во Велика Британија од 1972 година, употребена да се утврди дали подолгото школување влијае врз веројатноста за добивање деменција до 65 годишна возраст. Таа година стапил во сила закон според кој британските тинејџери родени на 1 септември 1957 година или подоцна морале да останат во училиште најмалку до наполнети 16 години, што не било случај дотогаш.
Според авторите на студијата, оваа законска промена овозможила да се добијат првите докази за причинско последична, а не само статистичка поврзаност меѓу образованието и деменцијата. Со реформата, всушност, бил создаден своевиден природен експеримент, кој им овозможил на истражувачите да анализираат луѓе со слично потекло и животни искуства, но кои, исклучиво поради датумот на раѓање, биле подложени на различни законски барања во однос на времетраењето на задолжителното образование.
Според авторката на студијата и здравствената економистка, Силвија Барчелос од Центарот за економски и социјални истражувања при Универзитетот Висконсин-Медисон, образованието има причинско влијание врз ризикот од Алцхајмерова болест и сродни деменции.
– Овие околности овозможија единствена можност за проучување на причинските ефекти на образованието врз појавата на Алцхајмеровата болест и сродните деменции (АДРД). Одамна знаеме дека лицата со повисоко ниво на образование поретко заболуваат од деменција, но беше тешко да се утврди дали за тоа е заслужно самото образование, објаснила Барчелос.
Реформата го зголемила за 14 отсто образовното продолжување до 16 годишна возраст. Резултатите покажале дека деменцијата поретко се појавувала кај учениците со поголемо образование. Односно, дека дополнителното школување не било поврзано само со подобро зачувување на памтењето, туку и со помала зачестеност на Алцхајмеровата болест и сродните форми на деменција.
Особено значајно е што позитивниот ефект бил забележан и кај лицата со поголема генетска предиспозиција.
– Гените влијаат врз ризикот од болеста, но не ја одредуваат нејзината појава. Еден од најинтересните резултати од истражувањето е тоа што придобивките од подолгото образование беа изразени и кај лицата со висок генетски ризик, вклучувајќи и голем број носители на генот „АПОЕ4“ (, APOE4), одговорен за Алцхајмеровата болест, објасниле стручњаците.
Меѓу тоа, разликата во ризикот од деменција меѓу групите со висок и низок генетски ризик речиси целосно исчезнала.
– Гените влијаат врз ризик од болеста, но тоа не значи дека ќе се појави, изјавил коавторот на студијата и вонреден професор по економија на Универзитетот во Јужна Калифорнија, Леандро Карваљо, истакнувајќи дека иако се верува дека генетскиот ризик е нешто однапред определено, новите докази го докажаа спротивното.
Научниците посочуваат дека зачестеноста од болеста за време на истражувањето била ниска бидејќи испитаниците биле релативно млади, како и бројот на евидентирани случаи до 65 години. Според нив, потребни се дополнителни испитувања на постари возрасни групи, како и на луѓе од други држави, во општествено различни услови, со цел да се увиди дали ќе дадат еднакви резултати.
Истражувањето кое е спроведено само врз британската популација за време на образовна реформа е објавено во научното списание „Proceedings of the National Academy of Sciences“ (PNAS).






