„Светот ја сака нашата шахта“: Манчевски со Гран при за македонскиот филм во Токио
Македонскиот филм „Сестра, брат и шахта“ во режија на Милчо Манчевски го доби престижното признание „Grand Prix“ и победи во Токио.

Според изјавата од жири-комисијата, филмот на Манчевски ја доби наградата за неговиот беспрекорен спој на хумор, трагедија и драма, за хуманоста и сочувството покажани кон неговите ликови.
Манчевски ја сподели радоста од освоената награда и им се заблагодари на сите кои верувале во создавањето на филмот:
„Многу ми е мило што светот ја сака нашата шахта. Благодарност до феноменалната екипа, глумците, финансиерите, спонзорите – за довербата во еден чуден филм. Ете пример дека истрајноста и правдата победуваат. Напред, шахта!“, изјави Манчевски по доделувањето на Гран при-наградата.
Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.






