Левица објавија скандалозно сведоштво: Работничка во „Гересхајмер“ имала спонтан абортус, притисоци и неисплатени плати
Од Левица објавија скандалозно сведоштво за експлотација на работничка во „Гересхајмер“ за изгубена бременост, притисоци и неисплатени плати.

-Премиерот Христијан Мицкоски од Германија најави нова инвестиција на „Гересхајмер“ во Македонија, проширување на производствените капацитети и отворање нови работни места. По тој повод, раководителката на Антифашистичкиот фронт на жените при Левица, Евгенија Станкоска, на денешната прес-конференција обелодени скандалозно сведоштво од поранешна работничка во истата компанија, која тврди дека била изложена на физички напорна работа за време на бременоста, по што доживеала спонтан абортус, информираат од Левица.
-Работничката сведочи дека и покрај барањето да биде прераспределена на работно место каде што нема да мора да крева производи тешки околу 10 килограми, продолжила да работи во производствен погон, во трета смена по 12 часа. По загубата на бременоста, додека била на боледување, менаџерот ја притискал да се врати на работа, заканувајќи се дека лично ќе дојде да ја земе доколку не се појави.
По напуштањето на работното место, не ѝ биле исплатени 19 работни дена, ниту преостанатиот годишен одмор. Државниот инспекторат за труд при вонреден инспекциски надзор утврдил неправилности во евиденцијата на работното време и наложил корекција на пресметката на платата, рече Станкоска.
Таа посочи дека додека Владата ги промовира странските инвестиции како економски успеси и најавува нови производствени капацитети, работничките во истите тие погони се соочуваат со прекршување на своите права.
-Овој случај ја отсликува системската експлоатација во која профитот на капиталот се става над здравјето, достоинството и репродуктивните права на жените работнички. Странскиот капитал добива субвенции, поволности и институционална поддршка, а работничките се оставени сами да се борат за своите основни права.
Левица и АФЖ бараат итни и засилени инспекциски контроли во „Гересхајмер“, целосно испитување на случајот, утврдување на одговорноста и исплата на сите неисплатени побарувања. Пред нови субвенции, нови привилегии и нови производствени капацитети, мора да има одговорност за досегашното постапување кон работниците!
Ги повикуваме сите работнички кои се соочиле со слични прекршувања во „Гересхајмер“ или во други производствени погони да ни се обратат и да ги споделат своите искуства. Нашата солидарност е посилна од нивниот профит!, рече Станкоска.






