ЕК: Изборните дезинформации и странските манипулации со информации остануваат недоволно истражени
Во Извештајот на ЕК во делот кој се осврнува на квалитетот на демократијата во Македонија се забележува дека земјата има правна и институционална рамка со која обезбедуваат основа за демократско спроведување на изборите. Сепак, како што се вели, не е постигнат напредок во усогласувањето со стандардите на ЕУ и во спроведувањето на преостанатите препораки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ)/

Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) и на Венецијанската комисија во однос на изборната регулатива. Овие препораки се однесуваат првенствено на изменување и дополнување на Изборниот законик, но и на подобрување на транспарентноста, финансирањето на изборните кампањи, медиумското претставување и заштитата на избирачките права. Една од забелешките се и евидетираните дезинформации пласирани во текот на изборната кампања за кои постои сомневање дека се пласирани од странски извори.
“Изборните дезинформации и странските манипулации со информации остануваат недоволно адресирани. Северна Македонија треба да обезбеди усогласување со целокупното релевантно право на ЕУ (acquis), вклучително и со Регулативата (ЕУ) 2024/900 за транспарентноста и таргетирањето на политичкото рекламирање, земајќи ги предвид европските и меѓународните демократски стандарди” се вели во Извештајот на ЕК.
Регулативата (ЕУ) 2024/900 на Европскиот парламент и на Советот од 13 март 2024 година се однесува на транспарентноста и таргетирањето на политичкото рекламирање (Regulation on the Transparency and Targeting of Political Advertising).
Регулативата е донесена на 13 март 2024 година, а најголемиот дел од нејзините одредби се применуваат од 10 октомври 2025 година.
Нејзината основна цел е да обезбеди поголема транспарентност на политичкото рекламирање, да спречи прикриено политичко влијание и да ја заштити приватноста на граѓаните, особено при користење дигитални платформи и социјални мрежи.





