Викендов можни прекини и ограничувања на платежните трансакции

Граѓаните и компаниите треба навреме да ги планираат своите плаќања, бидејќи во текот на претстојниот викенд се можни привремени прекини и ограничувања на дел од банкарските услуги.

Македонската банкарска асоцијација информира дека на 7 и 8 ноември сите банки ќе вршат технички прилагодувања на своите системи поради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет, кои почнуваат да се применуваат од понеделник, 9 ноември.

Ограничувањата главно ќе се однесуваат на платежните трансакции, а секоја банка одделно ќе ги објави точните термини, услугите што ќе бидат засегнати и времетраењето на евентуалните прекини. Од Асоцијацијата ги повикуваат корисниците навреме да ги завршат планираните плаќања и да ги следат известувањата од своите банки.

Од понеделник почнува примената на новите платни налози, шифрите за целта на плаќањето и користењето платежни сметки во ИБАН-формат. Постојните броеви на сметките остануваат непроменети, а банките автоматски ќе го приспособат нивното прикажување во новиот формат во електронското и мобилното банкарство.

Од Македонската банкарска асоцијација појаснуваат дека станува збор за однапред планирани технички активности, кои се дел од процесот на модернизација на националниот платен промет.

Back to top button
Close