Грипот се шири во Македонија
Грипот се засилува во Македонија, со речиси двојно повеќе пријавени случаи за само една недела, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен на 5 ноември. Во периодот од 26 октомври до 1 ноември биле регистрирани 116 случаи на грип и заболувања слични на грип, наспроти 61 во претходната недела. Тоа претставува зголемување од 90,2 отсто.

Најмногу заболени се пријавени во Тетово, но според ИЈЗ, земјата сè уште не го достигнала прагот за влез во сезонска активност на грипот. Во Тетово се регистрирани 48 случаи, во Куманово 26, а во Скопје 13. Следуваат Прилеп и Гостивар со по седум пријавени случаи.
Особено забележлив е растот во Тетово, каде што претходната недела биле пријавени само четири случаи. Тетово и Куманово заедно учествуваат со речиси 64 отсто од вкупниот број пријавени заболувања.
Од вкупно 116 пријавени случаи, најголем дел, односно 84, се кај лица на возраст од 15 до 64 години. Кај повозрасните од 65 години се регистрирани 25 случаи, додека седум случаи се пријавени кај деца на возраст од пет до 14 години.
Лабораториските анализи потврдуваат дека вирусот на грип веќе циркулира во земјата. Од 47 испитани примероци во ИЈЗ, четири биле позитивни на инфлуенца А. Од нив, три не биле дополнително под типизирани, а еден бил од типот А(H1)pdm09. Дополнително, еден примерок бил позитивен на корона вирусот САРС-КоВ-2.
Сепак, сите 116 пријавени случаи не се лабораториски потврден грип, бидејќи неделниот епидемиолошки надзор ги опфаќа и заболувањата со симптоми слични на грип.
И покрај значителниот неделен раст, ИЈЗ соопштува дека состојбата сè уште е на меѓусезонско ниво. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, додека прагот за влез во сезонска активност е 7,32 случаи на 100.000 жители. Тоа значи дека сезонскиот бран сè уште не е официјално започнат, а врвот на сезоната не е достигнат.
Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се регистрирани вкупно 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, од кои 127 на подрачјето на Тетово.
Вакцинацијата против сезонски грп започна на 21 октомври





