Основниот кривичен суд Скопје вработува 33 лица на неопределено време

Основниот кривичен суд Скопје објави јавен оглас за вработување на 33 лица на неопределено време, од кои 32 судски службеници и едно лице за технички и помошни работи.

Најголем дел од работните места се наменети за судски референти и соработници. Судот бара осум судски соработници, пет помлади судски соработници, еден самостоен референт – систем-администратор информатичар, 12 судски референти – дактилографи, двајца судски референти – извршители во писарница, четворица помлади судски референти – дактилографи и едно лице за одржување хигиена.

Основната нето-плата за судските соработници изнесува 46.210 денари, додека помладите судски соработници ќе добиваат 42.450 денари. За работното место самостоен референт – систем-администратор информатичар е предвидена плата од 35.494 денари, а за судските референти – дактилографи и извршителите во писарница по 32.924 денари. Помладите судски референти ќе добиваат 31.231 денар, додека основната плата за лицето за одржување хигиена е 30.668 денари.

За позицијата судски соработник се бара завршен правен факултет со најмалку 300 кредити според ЕКТС и положен правосуден испит, како и најмалку една година работно искуство. За помлад судски соработник се бараат најмалку 240 кредити на правен факултет, без услов за претходно работно искуство.

За останатите административни работни места се предвидени различни услови во однос на образованието и работното искуство. Кандидатите за сите работни места треба да имаат активно познавање на македонскиот јазик и да ги исполнуваат општите услови утврдени со Законот за судска служба. За судските службеници се бара и активно познавање на англиски, француски или германски јазик, како и работа со компјутерски програми за канцелариско работење.

Работното време за сите позиции е од понеделник до петок, од 7:30 до 15:30 часот, со половина час дневна пауза.

Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во дневните весници. Кандидатите за работните места на судски службеници треба да достават пополнета пријава и докази за исполнување на општите и посебните услови, во оригинал или копија заверена на нотар.

Пријавите може да се испратат по пошта или да се достават во архивата на Основниот кривичен суд Скопје, на булеварот „Гоце Делчев“ б.б., со назнака „Јавен оглас бр. 4/2026“. Образецот за пријавување може да се подигне во приемното одделение на судот, секој работен ден од 8:30 до 14:30 часот.

За работното место за одржување хигиена, кандидатите треба да достават молба за вработување, биографија, мотивациско писмо и докази за исполнување на условите. И овие документи може да се поднесат преку архивата на судот или по пошта на наведената адреса.

Back to top button
Close