Димитриевски: Ќе ја напуштиме Владата ако се прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот
Движењето ЗНАМ нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција. Ова вечерва во интервју за Сител го изјави претседателот на партијата Максим Димитриевски.

Димитриевски рече дека ставовите на ЗНАМ по однос на ова прашање му се познати на премиерот Христијан Мицкоски, но дека партијата е подготвена за разговори во рамки на владината коалиција.
„На следната средба со премиерот ќе побарам лидерска средба затоа што ние никогаш со нашите партнери во Владата немаме отворено разговарано за ова прашање за да ги дефинираме сите црвени линии и што тоа ќе значи во иднина за државата и за нашиот целокупен правосуден систем“,рече претседателот на Движењето ЗНАМ.
Според него, прашањето за правосудниот испит не е изолирано, туку задира и во пошироки аспекти на функционирањето правосудниот систем и во државното уредување. Зад барањата за проширување на употребата на албанскиот јазик во оваа сфера, според него, постојат пошироки политички цели. Во оваа смисла оцени дека во земјава постојат сили кои сакаат државата од република еден ден да стане конфедерација.
„Македонија е република, а за жал во земјава постојат сили кои сакаат еден ден да ја видат како конфедерација. Во континуитет се појавуваат одредени поединци кои повикуваат на поголеми права, здружување на локалните заедници, но на етничка, не на територијална основа. Дополнително, по завршувањето на локалните избори во Брвеница излезе еден од поранешните лидери на албанските партии и рече ‘време е да ја прогласиме Илирида’. Македонија не може да биде прост вид на држава – република – доколку унапредувањето на поедините права на останатите етнички заедници кои го користат тоа право го сметаат како уставотворно и право кое треба дополнително да ја комплицира државата. Ова ја поедноставува работата само за една мала група на граѓани кои се составен дел на државата, но дополнително ја комплицира целата постапка за сите останати“,
изјави тој во интервјуто за Сител.
Барањата за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, кои според Димитриевски, се наметнуваат многу наивно во јавноста, како што рече, се спротивни на препораките на Венецијанската комисија од 2019 година за употребата на друг јазик освен македонскиот во правосудниот систем. Последиците, како што вели, ќе бидат огромни во самото фукционирање на правосудниот систем во државата.
Иако рече дека не е против употребата на јазиците на малцинските етнички заедници, наведувајќи го Куманово како пример за примена на повеќе јазици во работата на Советот на Општината, Димитриевски рече дека ниту тој ниту партијата што ја предводи нема да дозволат дополнително закомплицирање на државата.






