Левица: ДПМНЕ го отфрли и не сакаше ниту да дискутира по предлогот за помали станбени кредити за младите семејства – за наталитетот ќе продолжат да се грижат со „бато и дада“ во читанките
Кога треба да се делат лекции за семејни вредности, ДПМНЕ е најгласна. Кога треба да се создадат предуслови за семејство, одеднаш исчезнува целата нивна загриженост за наталитетот. Парламентарното мнозинство не го поддржа Предлог-законот за семејна и станбена поддршка на Левица, со кој државата начелно требаше да преземе 20% од главнината на станбениот кредит за секое родено или посвоено дете, со вкупна поддршка до 100.000 евра, се вели во соопштението од Левица.

Додека за да обезбедиш стан мораш да заглавиш во децениски кредити или пак да се одлучиш на прескапи кирии и економска неизвесност за кров над глава, власта која проповеда за „бато и дада“, размислуваше за оданочување на ергените и бара промена на менталитетот, не најде политичка волја ниту да дискутира за понудениот механизам, иако неколкупати беа повикани на дискусија. Така, наместо државата да преземе дел од товарот за создавање семејство, ДПМНЕ повторно ја остави целата сметка на младите, а за себе ги задржа говорите за демографска обнова.
Демографската катастрофа, за која ДПМНЕ декларативно изразува загриженост, веќе се гледа во речиси секоја општина. Само во првите шест месеци од 2026 година, дури 65 од вкупно 80 општини имаат негативен природен прираст, а на ниво на државата се регистрирани 2.967 повеќе починати отколку новородени. Во исто време, младите во Македонија во просек се осамостојуваат на 33 години, наспроти 27 години во Хрватска, додека месечните кирии во скопските општини надминуваат 22.000 денари. Каква иднина им нуди власта на младите кога од нив бара повеќе деца, а тие пресметуваат дали по плаќањето на киријата ќе им останат пари за храна, сметки и основни потреби? Одложувањето на родителството не може да се реши со морални лекции, ниту демографската криза со менување реченици во училишните читанки. За семејство се потребни материјални предуслови, економска сигурност и достоинствени услови за живот.
Неподдржувањето и отсуството на каква било дискусија по предлог-законот ја отвори противречноста на десничарската политика на ДПМНЕ – семејството постојано го прогласуваат за највисока вредност, но кога ќе добијат конкретен предлог на таа тема – одбиваат да го поддржат.
Левица понуди закон во редовна постапка, со простор за дебата, корекции и усогласување на моделот, но парламентарното мнозинство не ја искористи таа можност. Станбената криза нема да исчезне со игнорирање на предложените решенија, ниту празните станови ќе станат подостапни со повици за повисок наталитет. Младите не бараат од Мицкоски да им објаснува како се создава семејство, туку од државата да создаде услови во кои семејството може да опстане. Ако за ДПМНЕ семејните вредности завршуваат таму каде што почнуваат материјалните потреби на обичниот човек, тогаш нивната демографска политика останува само политичка парола – „бато и дада“ без дом и економска сигурност.






