(ВИДЕО) „Што му кажа на Славески кога му нареди да дозволи влез на Алта банка?“: Филипче до Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, побара од премиерот Христијан Мицкоски да објасни каква комуникација имал со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со дозволувањето на влезот на АЛТА банка на македонскиот пазар.

На надзорната расправа посветена на причините за воведувањето администрација во АЛТА банка АД Битола, улогата на Народната банка и институционалната одговорност, Филипче оцени дека Мицкоски има директна политичка одговорност за целиот случај и не може да тврди дека не бил запознаен со банката и нејзиниот сопственик, Давор Мацура.
„Имате директна и најголема политичка одговорност за ова што се случи кај нас со АЛТА банка. Прво за влезот на банката кај нас, понатаму за расплетот кој следеше по изборите во Србија, притворот на газдата Давор Мацура и блокадата на средствата на парите коишто нашите граѓани ги имаат во сега АЛТА банка Македонија“, рече Филипче.
Тој тврдеше дека во изминатата година јавно се зборувало за банката и нејзиниот сопственик, посочувајќи дека Мицкоски не може да се оправда со незапознаеност. Филипче ја нарече АЛТА банка „лична банка на Александар Вучиќ“ и изнесе обвинувања за потеклото на нејзиниот капитал и работењето во други земји.
Според Филипче, Мацура од менувачница изградил мултимилионска банкарска групација, која, како што рече, била казнувана во Европа, додека во Црна Гора му бил забранет влез. Тој посочи и на казна изречена во Австрија во износ поголем од 100.000 евра, поврзана со прикривање информации.
Претседателот на СДСМ изнесе и сомнежи за потеклото на капиталот на банката, повикувајќи се на информации објавувани во српските медиуми, во кои, според него, се споменувале криминално стекнати пари, корупција, шверц со дрога и руски капитал. Тој ја обвини власта дека дозволила таква банка да влезе во Македонија и да купи домашна банка.
Филипче отвори и прашање за наводни притисоци врз јавни претпријатија да продаваат акции на банката, а како дополнителен аргумент ја посочи изјавата на гувернерот Трајко Славески. На крајот повторно побара од Мицкоски да одговори што точно му кажал на гувернерот во врска со влезот на АЛТА банка во Македонија.





