Што пишува во владината одлука од 2023 година на која Мицкоски се повика во Собранието
Мицкоски за време на седницата покажа владина одлука објавена во „Службен весник“ бр. 123 од 2023 година, од времето кога премиер беше Димитар Ковачевски, со која се дава согласност и насоки за отуѓување на државни акции во банката.

Во одговорот на прашање од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, премиерот Мицкоски истакна дека одлуката била донесена на предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими.
Според записникот од 194. седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 24 октомври 2023 година, Владата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, под реден број 57, ја разгледала и усвоила точката под наслов „Информација во врска со потребата Државното правобранителство на Република Северна Македонија како законски застапник на Министерството за финансии, да го застапува истото пред органите во Република Србија, во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград“.

На седницата била разгледана информацијата и, како што се наведува, таа е усвоена и со одлуката, потпишана од Ковачевски и тогашниот генерален секретар Методија Димовски, се задолжува Државното правобранителство да поведе соодветни постапки пред органите на Република Србија.
„Владата ја разгледа Информацијата во врска со потребата Државното правобранителство на Република Северна Македонија како законски застапник на Министерството за финансии, да го застапува истото пред органите во Република Србија, во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград, сопственост на Министерството за финансии, Република Северна Македонија, ја усвои Информацијата и го задолжи Државното правобранителство на Република Северна Македонија да поведе соодветни постапки пред органите на Република Србија доколку за истото постојат законски можности, заради заштита на правата и интересите на Министерството за финансии, Република Северна Македонија во врска со отуѓувањето на акциите во Алта банка АД Белград, сопственост на Министерството за финансии, Република Северна Македонија“,пишува во одлуката.

Со оваа владина седница претседавал премиерот Димитар Ковачевски, како и Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, а биле присутни и сите министри во тогашната влада.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска во својство на сведок на надзорната расправа за Алта банка во Собранието објави одлука на Владата, предводена од тогашниот премиер Димитар Ковачевски, со која се барало воспоставување деловни односи со банката.
Според Мицкоски, од стенограмот се гледа дека тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими побарал од Државното правобранителство да стапи во деловни односи со Алта банка Србија. Тој не го прочита стенограмот со образложение дека ќе биде непристојно. Тој рече и дека како членови на тогашната влада се половина од сегашната пратеничка група на СДСМ.






