26 лица, меѓу кои 13 деца, се хоспитализирани по истекување гас во училиште во близина на Атина
Инцидент со истекување гас во приватно училиште во близина на Атина, Грција, предизвикал здравствени проблеми кај ученици и вработени, поради што 26 лица биле пренесени во болница, објави „Екатимерини“.

Настанот се случил околу 10:30 часот во училиштето „Кесарис“, додека се изведувале работи за одржување на базенот. Според првичните сознанија, при работата биле неправилно употребени хемикалии, што довело до ослободување гас и појава на проблеми со дишењето кај присутните.
Како мерка на претпазливост, основното училиште и градинката биле евакуирани. Со амбулантни возила 13 деца биле пренесени во Детската болница „Аглаја Киријаку“ во Атина, додека 13 вработени биле згрижени во болницата „Сотирија“. Во здравствениот центар во Коропи биле однесени и двајца работници кои го одржувале базенот, на возраст од 37 и 45 години.
Според досегашните информации, сите лица погодени од инцидентот се во добра здравствена состојба.
На местото пристигнале пожарникари кои извршиле проверки за да го утврдат изворот на истекувањето и да утврдат дали училиштето е безбедно. Надлежните служби работат на утврдување на причините за настанот.






