Руската мечка не се враќа назад во пештерата

Денко Малески

Дводневната трилатералната средба меѓу претставниците на Америка, Русија и Европа во Абу Даби покажа, уште еднаш, дека е многу лесно да почнеш војна но исклучително тешко да ја завршиш. Најавата за договорената размена на затвореници меѓу Русија и Украина и некои хуманитарни прашања, без да се допрат суштинските теми за териториите и за неутралноста на Украина, кажуваат дека ништо од нова Јалта со која ќе се стави крај на украинската војна. На најавениот состанок меѓу Трамп, Путин и Ши на 18 и 19 ноември, за време на самитот за Азиско-пацифичка економска соработка во Шенжен, Кина, нема да и се стави крај на војната. Целата ова „фрка“, во минута до дванаесет, кога изоставените од состанокот европски политичари буквално трчаа да состават делегација и да фатат авион за Абу Даби личи на сценарио на Трамп во реализација на Кушнер и Витков.

Имено, големата желба на Трамп, особено сега после изборниот пораз на републиканците, останува да се докаже како миротворец од светски формат, преку реприза на Јалта, кога Рузвелт, Сталин и Черчил, со чаша бурбон и пура ја исцртаа повоена Европа. Но, се чини, светскиот настан во кој тој би ја имал улогата на Черчил, чија биста ја врати во Овалниот кабинет, нема да биде според замисленото сценарио. Реалностите на војната во Украина и мноштвото конфликтни интереси не само помеѓу непријателите туку и помеѓу сојузниците, зборуваат дека е лесно се предизвика војна но таа тешко се завршува.

Од она што го слушнавме од Кушнер и украинските претставници вчера, за скромните резултати од преговорите, разбираме дека најголемата вест останува онаа од некни: дека Америка се согласила на руското барање да се отвори дебата за нова безбедносна структура за Европа. Тоа, пак, не е тема која се апсолвира во неколку дена. Комесарката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, веднаш се гласи дека таква дискусија не е потребна зашто Европа си ја има ЕУ и си го има НАТО. Ваквите изјави се потврда дека Западот мора прво да преговара со самиот себе.Зашто, нова европска безбедносна структура за Европа без ЕУ на преговарачката маса би била полоша од постоечката безбедносна структура без Русија, најголемата држава во Европа. Индикативно е што после сите напори да се најде некој кој ќе зборува во има на ЕУ, сепак се сотави бројна европска делегација, во чиј состав влегоа претставници на ЕУ, на Франција, на Германија и на Велика Британија. Тие,сепак, не седнаа на масата и, после ироничната препорака на Лавров, остана во своите хотелски соби. Значи. повторно страта болка на Европа – кој е телефонскиот број. Во една модерна верзија на старата дилема на Кисинџер, Кушнер, зетот на Трамп, вчера рече дека кога европјаните би успеале да се обединат околу еден човек кој би зборувал во нивно име,тоа би било поголем успех отколку да се убедат Русите да ги примат на преговарачката маса.

Што вели науката за меѓународната политика? Претставниците на реалистичката школа велат дека ваква војна се решава само на бојното поле а не преку мировен договор. Едноставно, интересите на завојуваните страни се целосно спротиставени што ништо запишано во договор нема да држи. Свежи ми се сеќавањата на бројните мировни планови во војните во Југославија кои не вредеа колку хартијата на која беа напишани, па на крајот, силата на Америка ги сочува републичките граници и ги исцрта новите меѓу Србија и Кососво. Денес, во петтата година од конфликтот,силата е на страната на Русија па мир е можен само преку исполнување на руските услови: неутралност на Украина и признавање од страна на Украина и на ЕУ на анексијата на Донбас, како дел од територијата на Русија. Само така може да се спаси остатокот на Украина. Но, тоа нема да се случи зашто нема кој да потпише пораз, ниту од страна на Украина ниту од ЕУ. Пред некој ден, разбирам, Марк Руте изјавил дека по победата врз Русија ќе ги собере европските политичари на пијачка на врвот од Алпите во Швајцарија и се прашувам дали е можно сеуште да верува во победа против најголемата нуклеарна сила во светот. Верувал јас или не, војната ќе продолжи до својот, за Украина и нејзиниот народ, трагичен крај.

Единствен „спас“ сега е Америка и Европа да испратат свои војници во Ураина, но тоа би значело Трета светска војна. Се проценува дека Америка и Европа, со 99 проценти сигурност, нема да ризикуваат нуклеарен конфликт со Русија заради Украина, ако ситуацијата ескалира до точка на вриење. Сепак, за мене, и тој 1 посто е застрашувачки. Значи, заклучуваат реалистите, војната ќе се реши на бојното поле, и, како што вели Мершајмер, после што ќе следи „замрзнат конфликт“и децении отровни односи помеѓу Западот и Русија. За првиот дел, дека војната ќе се реши на бојното поле, тој е во право. За вториот, дека следат децении непријателства, можеби греши. Де Гол во текот на алжирската војна на својот соработник кој изразил загриженост за последиците од крвавиот исход на некаква воена акција, му одговорил со зборовите: „Крвта бргу се суши“. Во случајов со Украина, дека европските и американските интереси за руските природни богатства, нафта и гас, пред се,бргу ќе ја фрлат во заборав Украинската трагедија.

Но, она што ќе остане запишано во историските книги е катастрофалната грешка на нашиот сојуз на демократии направена во 2008 на самитот на НАТО во Букурешт кога се најави прием на Украина во Алијансата. Тоа е рамно на објава на војна на Русија, ќе каже после состанокот Ангела Меркел германската канцеларка. Можеше да цитира и еден нејзин претходник, канцеларот Ото фон Бизмарк кој своевремено рекол дека знае стотина начини како да ја истера руската мечка надвор од пештерата, ама не знае ниту еден начин како да ја врати назад во пештерата.

 

Back to top button
Close