ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче лажат, Алта банка немала забрана за работа во ЕУ и не можела да биде спречена да влезе во земјава

Според него, ова претставува доволно силна основа Јавното обвинителство да отвори истрага и да поведе постапка против Филипче.
На прес-конференцијата, Манасиевски истакна дека Алта банка не само што не била санкционирана од Европската централна банка (ЕЦБ), туку до моментот на нејзиното затворање имала удел во европска банка, поради што домашните регулатори немале законска можност да го спречат нејзиниот влез во земјава.
Како потврда за своите наводи, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ презентираше извадоци од официјални документи и соопштенија од две австриски банкарски групации.


Според официјалните податоци на Адико банка од Виена, Алта банка поседува 9,63 проценти од нејзините акции – удел кој, како што рече Манасиевски, српската банка го поседува и денес.
Осум месеци по влезот на Алта банка во Македонија, нејзината матична банка од Србија склучила договор со виенската Рајфајзен банка.
„Алта банка и Рајфајзен банка прават договор дека по преземањето на Адико банка, од страна на Рајфајзен банка истата ќе и ги продаде филијалите на Адико односно на Алта банка во БиХ, Србија и Црна Гора. Еве токму ова е извадoк од нивната веб-страница односно од соопштение, а е напишано врз база на одлука на бордот на директори на банката, во кое јасно се гледа, стои во соопштението, Рајфајзен банка на две страни“,
рече Манасиевски.
Оваа одлука, рече тој, е активна се до згаснувањето на Алта банка во Србија, по што истите донесуваат нова одлука по згаснувањето, дека трансакцијата којашто требале да ја направат со Алта банка ја откажуваат, а тоа е токму ова соопштение коешто го изнесуваат, дека Рајфајзен банка ја прекинува соработката со Алта банка.
„Со ова директно се докажува дека македонскиот регулатор и институции немале апсолутно никаква можност да забранат ’Алта банка‘ да влезе во Македонија, затоа што истата не само што не била забранета во ЕУ, туку била дел од сопственичките структури на банка во ЕУ“,нагласи Манасиевски.
Осврнувајќи се на политичката одговорност, Манасиевски потсети на документот што вчера го спомена премиерот Христијан Мицкоски – извадок од нацрт-записникот од 194. седница на Владата одржана на 24 октомври 2023 година, кога премиер бил Димитар Ковачевски.
Според Манасиевски, на таа седница тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими доставил информација со која побарал Владата да му одобри на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка Србија, чиј сопственик уште тогаш бил Давор Мацура, што според ВМРО-ДПМНЕ го побива тврдењето на поранешната власт дека немала никаква поврзаност со оваа банка.






