„Вие имате право на одбрана, нашите деца немаа право на втора шанса“: Таткото на Надица Наунова по судењето за „Пулс“
„Вие имате право на одбрана, нашите деца немаа право на втора шанса“: Таткото на Надица Наунова по судењето за „Пулс“

Александар Наунов, таткото на Надица Наунова, која загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, се огласи по судското рочиште, изразувајќи разочарување од одговорите што ги слушаат родителите на загинатите.
Тој вели дека секое рочиште за семејствата е повторно преживување на трагичната ноќ, додека во судницата, како што наведува, добиваат паушални одговори, оправдувања и префрлање на одговорноста.
Наунов реагира на информациите дека полициските службеници од Пробиштип не биле запознаени со целта и точките на акциската контрола, прашувајќи дали е професионално да се спроведува акција без соодветна информираност и координација меѓу службите.
Тој пренесува и сведоштво на мајка на една од повредените девојки, која раскажала дека нејзината ќерка, во моментот кога се урнал ѕидот од гипс-картон, слушнала дете како вели: „Тетко, многу сум исплашен!“
Наунов прашува дали навремена координација, професионално постапување и организирање коридор за евакуација можеле да спасат човечки животи.
„Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса“, порачува тој, нагласувајќи дека должноста на полицијата е да спречува трагедии и да спасува животи.
Објавата ја завршува со потсетување на размерите на трагедијата – 63 загинати и 63 семејства кои, како што вели, ќе живеат со доживотна болка.





