Осомничените за убиството на младиот Периш се преместени во друг затвор од безбедносни причини
Четворицата медицински техничари осомничени за смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во психијатриска клиника во Загреб се преместени од затворот во Реметинец во други затвори, јавуваат локалните медиуми.

Судот им одреди едномесечен истражен притвор, по што во неделата беа сместени во затворот во Реметинец. Но, денес беа префрлени во затворите во Липовица и во Карловац.
Од Министерството за правда потврдиле дека одлуката за преместување била донесена од безбедносни причини, по процената на затворскиот персонал и на управата на загрепскиот затвор, во координација со надлежните служби на Министерството.
„Особено истакнуваме дека ниту еден од притворените не е повреден“, соопштиле од Министерството.
Периш почина на 21 октомври во клиниката „Свети Наум“ во која беше лекуван. Според обвинителството, осомничените знаеле дека Периш е психички болен пациент, врзан за болничкиот кревет, кој поради својата состојба се обидувал да се ослободи и да стане. И покрај тоа, го притискале со рацете и со колената во пределот на главата, рамената и на градите, а двајца од нив му ставиле перница врз лицето и врз вратот, спречувајќи го да дише.
Обвинителството наведува дека техничарите продолжиле да го удираат и откако престанал да дава отпор. Според истрагата, тие биле свесни дека со своите постапки можат да му нанесат повреди опасни по живот.
Судско-медицинските и другите вештачења сè уште не се завршени, па правната квалификација на делото може да се промени до поднесувањето на обвинението. Не е исклучено истрагата да биде проширена и на други луѓе, во зависност од доказите што ќе ги собере обвинителството.






