Мицкоски го обвини Наумов за опструкција на еврообврзницата во 2016 г., тој врати дека повторно би постапил исто


Премиерот Христијан Мицкоски денеска упати обвинувања кон поранешниот дополнителен заменик-министер за финансии Кире Наумов, кој ја извршуваше оваа функција како кадар предложен од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), дека во 2016 година ја опструирал емисијата на еврообврзница, со што државата претрпела дополнителни трошоци од неколку милиони евра.

Наумов ги отфрли ваквите обвинувања и порача дека е горд на постапките од пред десет години и дека повторно би го направил истото доколку се најде во таква ситуација.

Поранешниот дополнителен заменик-министер за финансии Кире Наумов / Премиерот Христијан Мицкоски
На обвинувањата на премиерот реагираше Наумов преку објава на Фејсбук и посочи дека како дополнителен заменик-министер успеал да ги преполови двете еврообврзници, во вредност од 400 милиони евра, за кои вели дека требало да бидат искористени за предизборна корупција и криминални тендери.

„Да, Кире Наумов беше, без да му се чини. И да, јас сум горд што пред десетина години како дополнителен заменик-министер успеав да ги преполовам двете еврообврзници за 400 милиони евра народни пари, кои ќе требаше да одат за чоколади кога се немаше за леб, за срамна предизборна корупција и за криминални тендери за режимот кој актуелниов премиер самиот денес вели дека бил криминален“,

пишува Наумов на Фејсбук.
Вели дека неговата постапка била патриотска обврска и дека не станувало збор за паушални писма до инвеститорите, туку за докази дека средствата би биле наменети за одржување криминален и недемократски режим.

„Тоа беше моја патриотска обврска, и тоа не се прави со паушални писма до инвеститорите, туку со докази дека тие средства ќе бидат наменети за задржување на криминален и недемократки режим, а не за плати или пензии кои се исплаќаа непречено без овие 400 милиони евра“,
додаде тој.

Ги повика актуелните владини претставници да се обидат да ги убедат инвеститорите во добрите економски показатели на земјава и да издејствуваат пониска каматна стапка за претстојната еврообврзница, за која, како што рече, има најави дека ќе биде една од повисоките во последниот период.

Притоа, иронично порача дека тој ќе им ги даде адресите на инвеститорите.

„И, секако, ако бидам пак во иста позиција, без никаква резерва ќе постапам исто“,

рече на крајот од објавата Наумов.

Мицкоски, објаснувајќи зошто Владата го вклучила банкарскиот сектор во измените на Кривичниот законик испратени на разгледување во Европската комисија, ги поврза острите реакции на опозицијата за случајот со Алта банка со случувањата од 2016 година.

Според него, тогашниот дополнителен заменик-министер за финансии Кире Наумов испраќал писма до странски инвеститори со кои, како што додаде, ја опструирал емисијата на еврообврзница и предизвикал дополнителни трошоци за државата од неколку милиони евра.

„Ако се вратите наназад, да речеме во 2016, 2017 година, кога имавме техничка влада, тогаш заменскиот заменик-министер во Министерството за финансии испраќаше писма во светот на начин на којшто ја опструираше тогашната емисија на еврообврзница, и тоа граѓаните ги чинеше неколку милиони евра повеќе. Зошто? Затоа што тогаш доверителите коишто практично инвестираат во нашата обврзница ги поткренаа каматите, затоа што тие не се алтруисти, тие гледаат профит, не ги интересира зошто ние имаме дома внатрешни ликови како тој што беше тогаш, Кире Наумов мислам дека му беше името, којшто одлучил да си ја кодоши сопствената држава и сопствената влада во светот и на тој начин во суштина да нанесе штета на даночните обврзници, а тоа се во крајна смисла граѓаните. Тоа го прави денеска и оваа гарнитура кај опозицискиот СДСМ и мислам дека е ова една добра форма за понатаму да не се случува и да не се повторува на никој политичар ваква тема да злоупотребува за политички цели“,рече премиерот.

Back to top button
Close