Маѓар со жестоки обвинувања против Орбан по заплената на 17,5 милиони евра

Унгарските власти заплениле околу 17,5 милиони евра скриена готовина, дел од кои биле пронајдени закопани во земја, во рамки на истрага против поранешен министер од владата на некогашниот премиер Виктор Орбан.

Националната канцеларија за враќање и заштита на имотот соопшти дека истражителите откриле големи количества пари скриени во шуми, земјоделски објекти, магацини и станбен објект, како и во скап сеф на тајна локација.

Меѓу запленетите пари имало повеќе од пет милијарди форинти, околу 2,6 милиони евра и 1,2 милиони долари, што вкупно изнесува приближно 17,5 милиони евра. Парите биле откриени по дводневни претреси во Будимпешта и во три унгарски области.

Заплената е дел од постапката против поранешниот министер за национален развој Миклош Сештак, кој е осомничен дека примил повеќе од 33 милиони евра мито и незаконски провизии поврзани со набавка на возила за државната автобуска компанија и со државни градежни проекти. Тој бил приведен кон крајот на септември.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека 12 вработени во Државната благајна осум часа ги броеле пронајдените пари со помош на пет машини за броење банкноти. Тој го оцени откритието како „официјален крај на мафијата Фидес-КДНП“, алудирајќи на поранешната владејачка коалиција на Орбан.

„Од денеска Виктор Орбан е докажан мафијашки шеф. Паднат мафијашки шеф. А Фидес е криминална организација“, напиша Маѓар на Фејсбук.

Во меѓувреме, унгарската полиција во понеделникот го привела и помладиот брат на Орбан, во рамки на истрага за сомнежи за трговија со луѓе и тргување со влијание. Приведени се и неколку други поранешни функционери, меѓу кои и поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи, во врска со сомнежи за измама и корупција.

Обвинителството претходно соопшти дека истрагата против Матолчи е поврзана со сомнежи за злоупотреба на средства од фондација на централната банка, на која ѝ биле доделени 288 милијарди форинти, односно околу 740 милиони евра јавни средства.

Орбан, чија партија Фидес убедливо загуби на априлските избори од партијата Тиса на Маѓар, ги осуди истрагите и приведувањата, оценувајќи ги како политичка „тиранија“ чија цел е негово отстранување од политичката сцена.

Back to top button
Close