ИСТА БАНКА, ДВЕ ДРЖАВИ, ДВЕ ОДЛУКИ

Не стивнуваат политичките обвинувања околу АЛТА банка, но зад дневната политика, стои едно многу посуштинско прашање: како е можно иста банкарска група во две соседни држави да добие две сосема различни институционални судбини?

Во Србија, Народната банка на 30 октомври 2026 година ѝ ја одзеде дозволата за работа на АЛТА банка. Тоа се случи само пет дена по парламентарните избори на 25 октомври, во моментот кога изборниот процес сè уште не беше ни завршен. Повторено гласање следуваше на 1 ноември, а конечните резултати беа утврдени подоцна, во време кога државата сѐ уште нема формирано Собрание и Влада.

Народната банка на Србија располага со низа инструменти за надзор, ограничување и контрола на работењето на една банка. Затоа, мојата лична перцепција е дека пред најтешката мерка, а таа е затворање и стечај, мора да бидат исцрпени сите можности за стабилизација и заштита на штедачите, фирмите и доверителите. Дали е истото сторено во соседна Србија, бидејќи денес, повеќе десетици илјади правни и физички лица, клиенти на оваа банка се ставени во целосна неизвесност?

Во Македонија гледаме поинаков пристап. За АЛТА банка Битола беше воведена администрација и се создаде простор банката да се стабилизира, да се заштитат клиентите и евентуално да се најде нов сопственик.

 

Јас тоа целосно го поддржувам.

Банка не е обична фирма. Зад неа стојат штедачи, компании, вработени и семејства. Затоа државата треба прво да се обиде да ја спаси. Токму затоа, постојано се враќам на Еуростандард банка и нејзината судбина.

На 12 август 2020 година, непосредно по предвремените парламентарни избори, во период на институционална транзиција и по 97-дневната вонредна состојба предизвикана од Ковид-19, Еуростандард беше однесена во стечај. Во текот на вонредната состојба банката имаше забрана за присилна наплата на доспеаните побарувања, полни 97 дена. И покрај тоа, Еуростандард не доби администрација, дополнително време за стабилизација или институционална можност за нов инвеститор. Доби стечај.

Денес, транспарентно гледаме дека постоел и друг пат. Се наметнува уште посериозно прашањето за капиталната адекватност. На 12 август 2020 година, во пресметките врз кои Народната банка ја темели одлуката, се појавува капитална адекватност од околу -4%. Само два дена по отворањето на стечајот, стечајната екипа објавува податоци според кои таа била близу +7%.

Од -4% до близу +7% за два дена, во затворена банка. Како е тоа можно?

Тоа не е мала разлика. Тоа е разлика од повеќе од десет процентни поени и прашање кое оди директно во суштината на одлуката на Народна банка за стечај. Независниот експертски извештај подоцна констатира дека не е јасно која била реалната капитална адекватност и дека не бил образложен методот со кој Народната банка дошла до -4,14%.

Затоа мојата порака до гувернерот Трајко Славески е едноставна: спасете ја АЛТА банка ако за тоа постојат законски можности, но истовремено отворете ги документите и за Еуростандард.

До Јавниот обвинител Ненад Савески испраќам јавна порака дека е крајно време да се истражи и самата одлука на Народната банка со која Еуростандард беше однесена во стечај. Шест години се истражуваа акционерите, менаџментот, кредитите и трансакциите.

 

Време е да се истражи и Народната банка.

Зошто немаше администрација? Како е пресметана капиталната адекватност? Дали биле исцрпени сите можности за спас? И зошто она што денес е разумно решение за АЛТА, во 2020 година не беше применето за Еуростандард?

АЛТА банка не треба да ја доживее судбината на Еуростандард и токму нејзиниот случај денес поставува едно неизбежно прашање:Ако една банка денес заслужува шанса да биде спасена, зошто Еуростандард не ја доби истата шанса?

Вистината мора конечно да излезе на виделина.

Јас продолжувам!

 

 

Back to top button
Close