Адвокатски друштва и компании намерно рушат тендери за да заработуваат од државата, тврди Мицкоски кој ги бранеше измените на Законот за јавни набавк

Адвокатски друштва и компании свесно се договараат да пропаѓаат јавни набавки за потоа да заработуваат од постапките, тврди премиерот Христијан Мицкоски, кој на новинарско прашање ги бранеше измените на Законот за јавните набавки и зголемувањето на прагот за набавките во т.н. „четири очи“ кој се зголеми од 5.000 на 10.000 евра.

На прашањето зошто Владата не ги прифатила забелешките на експертите и невладините организации за намалување на транспарентноста и можностите за злоупотреби, Мицкоски одговори дека постојат организирани обиди за манипулирање со тендерските постапки.

 

„Ние имаме адвокатски друштва и компании коишто заработуваат на тоа што свесно се договараат и паѓаат јавни набавки. И тоа токму такви јавни набавки, за коишто сега прагот од 5.000 е зголемен“, рече Мицкоски.

Според него, измените треба да спречат институциите да плаќаат повеќе за постапките и жалбите отколку што изнесува вредноста на самите набавки.

Премиерот упати критики и кон експертите и невладините организации кои предупредуваат дека измените отвораат простор за злоупотреби.

„Јас точно знам кои се тие експерти и невладини коишто се обидуваат да креираат таква перцепција, но морам да кажам дека не се во право и дека имаме различни мислења“, изјави Мицкоски, додавајќи дека измените биле консултирани со меѓународната заедница.

Тој призна дека Владата направила грешка во делот од законот што се однесува на неограничениот мандат на членовите на комисијата, за што забелешка имала и претседателката.

„Зошто тоа го направивме? Тоа е наша грешка. Ние тоа го направивме затоа што, за жал, во државава немаме голем избор на експерти коишто се по јавни набавки“, рече премиерот.

На дополнителното новинарско прашање дали повисокиот праг ќе овозможи однапред договорени набавки и злоупотреби при изборот на понудувачите, Мицкоски категорично негираше дека тоа е возможно.

Тој тврдеше дека законските процедури и контролата на јавните набавки не дозволуваат такви договори и дека измените нема да ја променат таа состојба.

Како пример наведе градинка која објавува тендер од 50.000 денари за сервисирање прозорци, а некој намерно ја блокира постапката и, според неговите тврдења, наплаќа повеќе од вредноста на набавката.

„Некој свесно го бутка тој тендер, свесно го бутка тој тендер, а наплаќа многу повеќе од тие 50.000 денари во процедурата. Е, тоа не може така да се случи“, рече Мицкоски.

Премиерот го бранеше и зголемувањето на трошоците за жалби во постапките за јавни набавки.

„Или пак, ако сака, ќе си, наместо досегашните 100 евра за жалба, ќе си плати многу повеќе, па да го видам тогаш некој нека обжалува“, изјави Мицкоски.

Неговите изјави доаѓаат во услови на критики дека повисоките прагови и поскапите жалбени постапки можат да ја намалат транспарентноста и да го отежнат оспорувањето на спорните тендерски одлуки.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close