АХВ ја почна дистрибуцијата на вакцините против сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) започна со дистрибуцијата на 400 000 дози вакцини против сипаници кај овци и кози до ветеринарните друштва. Вакцините се од турско производство, а се донација од ЕУ.

Согласно резултатите од лабораториските тестирања на вакцината, од АХВ велат дека нејзиниот квалитет е потврден како една од најдобрите вакцини за заштита на добитокот од оваа болест.
Согласно одбрениот План за вакцинација од ЕУ, од среда се очекува да почне и аплицирањето на вакцината, со која ќе бидат опфатени 3 417 стада и 438 042 животни во осумте региони во земјава. Првата фаза ги опфата Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот Регион каде што се евидентирани 1 859 стада, а во втората ќе бидат опфатени Југозападниот, Пелагонискиот, Полошиот и Скопскиот Регион со 1 558 стада.
Третата фаза ќе вклучува животни кои ја достигнале минималната возраст за вакцинација по завршување на првата и втората вакцинална фаза, животни чија вакцинација е привремено одложена поради клиничка состојба или ветеринарна проценка, бремени животни и животни во постпарталниот период за кои вакцинацијата е одложена по документирана проценка на ризик. Со оваа фаза ќе бидат опфатени фарми кои биле недостапни на почетната кампања за вакцинација и фарми каде што вакцинацијата е одложена поради сомнение за инфекција со болеста сипаници кај овци и кози, под услов надлежниот официјален ветеринар да ја одобрил вакцинација.
Од почетокот на годинава досега АХВ има евидентирано 115 жаришта на сипаници кај овци и кози. Во овој временски период угинати од болеста се 875 животни, а нештетно отстранети 9 359 животни.






