Хавиер Милеј најави кандидатура за втор претседателски мандат во Аргентина

– Аргентинскиот претседател, Хавиер Милеј, најави дека ќе се кандидира за втор мандат на изборите во 2027 година.
„За сите што се сомневаат дали ќе се кандидираам за реизбор: да, ќе се кандидирам“, изјави Милеј на отворање на изложба во Буенос Аирес.
Милеј ја презеде функцијата во 2023 година и предизвика поделени реакции во Аргентина со строгите мерки за штедење, насочени кон намалување на долгот, инфлацијата и регулативите. Симбол на неговата политика стана моторната пила што ја покажуваше во јавноста, гест што подоцна го повтори и американскиот милијардер, Илон Маск, во рамки на кампањата за штедење во САД.
Иако инфлацијата е намалена, а буџетот е избалансиран, многу граѓани останаа без работа, а скратени беа субвенциите за енергија и јавен превоз.
Милеј тврди дека земјата се движи во вистинска насока и дека аргентинската економија повторно бележи раст.
„Во стоте години пред да ја преземеме власта, Аргентина стануваше сè поизолирана, а ние сè посиромашни“, рече тој.
Милеј, близок сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, повторно се повика на неговиот слоган „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МAГА).
„Имаме многу работа за повторно да ја направиме Аргентина голема“, изјави аргентинскиот претседател.






