ДОМ: Особено загрижува информацијата дека осомничениот бил пуштен на слобода, додека девојката сè уште се лекува и стравува за својата безбедност
Бруталниот напад врз младата девојка во Охрид, која преживеала откако била претепана до бесознание, е уште едно алармантно предупредување дека жените не се безбедни ниту кога нивниот живот е непосредно загрозен. Ова не е изолиран инцидент, туку случај што повторно го отвора прашањето за институционалната заштита на жените и неказнивоста на насилниците, особено кога постојат сомнежи дека влијателни семејни и политички врски можат да послужат како штит, се вели во соопштение од ДОМ.

„Наводите на мајката за околностите на нападот и случувањата по него се застрашувачки. Тие упатуваат на можни обиди за прикривање на настанот и влијание врз постапувањето на институциите, поради што се неопходни итна, независна и темелна истрага.
Родителската грижа и поддршка за сопствените деца не може и не смее да значи оправдување на насилството, прикривање на сторено дело или користење лични и политички врски за избегнување одговорност. Кога родителите наместо да инсистираат на вистината и одговорноста се обидуваат да го заштитат своето дете по секоја цена, тоа станува дел од проблемот, а не израз на родителска грижа. Нечија семејна позиција, функција или политичко влијание не смее да биде штит од правдата.
Особено загрижува информацијата дека осомничениот бил пуштен на слобода, додека девојката сè уште се лекува и стравува за својата безбедност. ДОМ бара МВР и Јавното обвинителство да ги испитаат сите околности на нападот, евентуалната вмешаност на други лица и можните обиди за прикривање или влијание врз истрагата. Бараме целосна заштита на жртвата и нејзиното семејство, како и одговорност за секој што се обидел да ја попречи правдата.
Седумте фемициди годинава се најтешкото предупредување дека насилството врз жените може да заврши со загубен живот кога институционалната заштита изостанува. Случајот во Охрид покажува дека државата мора да реагира пред да биде предоцна, а не да чека уште една трагедија. Фемицидите не почнуваат со убиството. Тие почнуваат кога насилството се игнорира, заканите се потценуваат, а институциите не постапуваат.Уште колку жени треба да настрадаат за институциите конечно да покажат дека законот важи подеднакво за сите, без оглед на тоа чии деца се сторителите?- прашува ДОМ.
Реагираа и од СДСМ. Според нив во Охрид се случи уште еден грозоморен чин на брутално насилство врз млада девојка.
„Сара безмилосно е претепана, фрлена на улица и оставена да умре. Сторителот е син на високи вмровски функционери“ – се наведува во соопштението од прес – конференцијата на Кети Штерјова од Форумот на жени на СДСМ .
„ За среќа, девојката преживеала. Потресно е сведоштво на мајката на Сара, која се наоѓа во болница. Изразуваме целосна поддршка и солидарност со Сара и целото нејзиното семејство. Таа заслужува заштита, мир и услови за закрепнување. Не страв дека повторно ќе биде нападната.
Според јавното сведоштво на мајката, осомничениот бил пуштен на слобода, додека нејзината ќерка стравува за сопствената безбедност. Имало обиди за прикривање на случајот и влијание врз медицинската документација. Само затоа што насилникот е син на Љубинка Корабоска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предложена на таа функција од ВМРО-ДПМНЕ, и на Гоце Корабоски, инспектор во УЈП, за кого се зборува дека има блиски релации со Мицкоски.
Ова е последица на заштитата што Панче Тошковски им ја овозможува на криминалците на власт, неказинивоста, контролата над судството и обвинителството и партизацијата на системот од страна на ВМРО.
Телохранител на Мицкоски ја тепаше сопругата па беше ослободен, во Богданци млада девојка беше жива запалена, за 5 тони дрога нема одговорност, Симо наместо во затвор е пуштен за гласови, во Куманово сериски убиец, секој ден жртви на насилство. Нема пари за електронски алки, а има за Гета од 5,53 милиони евра. Неказнивоста ги охрабрува насилниците. Пропустите на МВР и штитењето на криминалот имаат фатални последици.
Затоа бараме веднаш да се утврдат сите пропусти, влијанија и обиди за заштита на осомничениот насилник. Бараме одговорност од сите и нивно разрешување од позииите. Бараме итна и ефективна заштита на Сара. Како жени, нема да молчиме туку силно ќе се спротиставиме. Нема да прифатиме жените во Македонија да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи само затоа што се блики до ВМРО. Пред нас е борба со мафијата – против злоупотребите на ВМРО, против злоупотреба на моќта, врските и притисоците, против неказнивоста, порача Штерјова






