Студенти сакаат да ручаат во собранискиот ресторан по цените за пратениците, Гаши вели дека се добредојдени

Триесет до четириесет студенти планираат на 27 ноември да го посетат собранискиот ресторан и да ручаат по цените што важат за пратениците. Форумот за промени во образованието веќе испратил официјално барање до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со предлог да се организира Ден на отворени врати.

Со иницијативата студентите сакаат непосредно да се запознаат со цените на храната во собранискиот ресторан. Таа доаѓа по реакциите во јавноста за дневниот износ од 140 денари за субвенциониран студентски оброк и по објавувањето на ценовникот во ресторанот.

Од Форумот нагласуваат дека не бараат да бидат послужени бесплатно, туку сакаат сами да го платат ручекот, но по цените достапни за пратениците.

Организацијата сè уште очекува официјален одговор од Гаши. Во случај барањето да не биде прифатено, од него бараат да ги образложи правните и организациските причини за таквата одлука.

На новинарско прашање за иницијативата, Гаши изјавил дека студентите се добредојдени во Собранието и дека со задоволство би ги пречекал. Сепак, засега нема конкретна потврда дека посетата ќе се реализира на 27 ноември, ниту се познати условите под кои би се одржала.

Back to top button
Close