Голема владина реформа во Црна Гора: Mинималецот до 1.400 евра, укинуваат и придонеси за пензиско
Од 1 јануари 2027 година, Црна Гора планира целосно да ги укине придонесите за пензиско осигурување и да ги зголеми минималните нето плати на износ од 1.000 до 1.400 евра, во зависност од нивото на образование потребно за работното место.

Станува збор за голема економска реформа предложена од владата на премиерот Милојко Спајиќ.
Според предлогот на Владата, минималната нето плата за работни места што бараат основно или пониско образование би се зголемила од сегашните 600 на 1.000 евра. За работни места со средно образование, таа би се зголемила од 600 на 1.250 евра, а за оние што бараат високо образование, од сегашните 800 на 1.400 евра. Ова значи дека минималната плата за работни места со средно образование би била повеќе од двојно повисока од денес, додека за работни места што бараат високо образование, таа би се зголемила за 600 евра.
Уште во септември, владата усвои пакет законски предлози наречени Eвро модел, а Спајиќ, дури и по последниот состанок со работодавачите, одржан на 11 ноември, остана на објавените износи на платите и датумот на почеток на реформата.
Износите се одредуваат според образованието потребно за одредена позиција, а не само според дипломата што ја има вработениот.
Друга голема промена се однесува на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување. Нивната стапка, која сега изнесува 10 проценти од бруто платата, би паднала на нула според предлогот на Владата.
Износот што е издвоен за пензиско осигурување, со тоа би го зголемил нето приходот на работниците.
Премиерот Спајиќ како пример го наведува вработениот за кого работодавачот денес издвојува 1.980 евра, а кој добива 1.600 евра нето. Според неговата пресметка, со ист трошок за работодавачот, работникот по реформата би добил 1.870 евра.
Исплатата на пензиите би продолжила да ја гарантира државата, но финансирањето на пензискиот систем би морало да се обезбеди од други буџетски приходи. Црна Гора веќе ги укина придонесите за здравствено осигурување.
Иако Владата ги усвои нацрт-законите и најави почеток на имплементација на 1 јануари 2027 година, за нивна имплементација се потребни и соодветни парламентарни одлуки.
Се очекува дискусијата за финансирањето на реформата и нејзините последици да биде една од најважните теми за време на усвојувањето на црногорскиот буџет за 2027 година.






