Студентската листа ја презема власта во Србија: Новиот парламент денеска ја одржува конститутивната седница
По изборната победа на Студентската листа, денеска во Србија се одржува конститутивната седница на новиот парламент, на која ќе бидат потврдени пратеничките мандати, избрани претседателот и потпретседателите на Собранието и назначен генералниот секретар.

До изборот на новиот претседател, седницата ќе ја води најстариот пратеник, со помош на по еден од најмладите пратеници од четирите изборни листи со најголем број освоени мандати и генералниот секретар на Народното собрание.
Собранието се конституира со потврдување на мандатите на најмалку две третини од пратениците, по што тие полагаат заклетва. Претседателот се избира од редот на пратениците, по предлог на најмалку 30 пратеници, со тајно или јавно гласање. Потпретседателите се избираат според истите правила, додека генералниот секретар се назначува на предлог на претседателот на парламентот.
По конституирањето на Собранието започнува да тече рокот од 90 дена за формирање нова влада.
На вонредните парламентарни избори одржани на 25 октомври, Студентската листа освои 140 од вкупно 250 мандати. Листата на Единствена Србија, обединета околу Српската напредна партија, освои 103 мандати. Сојузот на војводинските Унгарци и Албанската коалиција добија по два мандата, додека листите „Расим Љајиќ – Људски“, СДА Санџак и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“ освоија по еден.
Меѓу избраните претставници на Студентската листа има универзитетски професори, правници, научници и актери, кои треба да го преземат парламентарното мнозинство по 14 години владеење на Александар Вучиќ и неговата Српска напредна партија.
Досегашната влада, предводена од премиерот во заминување Ѓуро Мацут, ќе продолжи да ја извршува функцијата сè додека парламентот не го одобри новиот владин состав. Засега не е познато кој ќе биде идниот премиер.
Новата пратеничка Сара Ел Сараг, адвокатка за човекови права, изјави дека поширокото студентско движење, заедно со избраните кандидати, и натаму активно учествува во процесот на составување на новата влада.
„Ние сме таму благодарение на нив. Сè што правиме, правиме заедно“, рече таа, мислејќи на студентите.






