Пиротехника се користела и на претходни настани во дискотеката „Пулс“, сведочеше ќерката на газдата Деко

Во дискотеката „Пулс“ имало противпожарни апарати и панични светла, но на претходни настани се користела и пиротехника; ова го посведочи Магдалена Јованова, ќерка на првообвинетиот Дејан Јованов, на денешното судско рочиште за пожарот во клубот. Таа рече дека нејзиниот татко бил одговорен за работењето на „Пулс“, додека таа била само посетителка и не се мешала во неговата работа.

Одговарајќи на прашањата на адвокатката Ивана Коцевска, Јованова го опиша изгледот на објектот и промените што биле направени во периодот додека го посетувала. Во „Пулс“ почнала да оди во 2018 година, а во 2024 година, според неа, биле отстранети терасите, односно галериите, и било поставено дополнително осветлување. Противпожарни апарати имало кај главниот влез, бината и шанковите, а панични светла биле поставени кај задната врата, излезот и билетарницата. Таа рече дека светлата се вклучиле и при еден прекин на електричната енергија.

Јованова сведочеше и дека на родендени и отворања во клубот се користела пиротехника.

„Забележав човек што раководеше со нив. Секогаш од десната страна на бината имаше поставено нешто како кутија, а надвор, пред вратата, сум видела комбе со натпис ’Пиротехника‘“, рече таа.

Лицето не го познавала по име, но го опиша како средновисок, полничок и малку ќелав. Потврди и дека за време на нејзините посети често имало полициски контроли во клубот.

„Да, често доаѓаше полиција. Бараа лични карти, стоеја на вратите и не дозволуваа никој да влегува или да излегува“, сведочеше Јованова.

Одговарајќи на прашањата на Обвинителството за задната врата, преку која гостите излегувале да пушат цигари, таа рече дека ја користеле сите посетители и дека таму никогаш не видела обезбедување. Негираше дека го посетувала клубот по полноќ пред да наполни 18 години, како и дека имала каква било улога во неговото работење.

Судот не ги дозволи прашањата за тоа кој ги водел профилите на „Пулс“ на социјалните мрежи, дали Јованова учествувала во преземањето на последната лиценца од Министерството за економија во 2024 година и дали го познава вработениот во Министерството по име Вили.

На денешното рочиште сведочеше и столарот Сашко Зафиров, кој работел на внатрешното уредување на дискотеката во 2012 и 2024 година. Тој рече дека бил ангажиран од Дејан Јованов, но без писмен договор или документација за изведените работи.

Во 2012 година ја обложувал со дрво, иверица и фурнир веќе изработената метална конструкција, додека во 2024 година ги доработувал клупите во сепарињата. Зафиров нагласи дека не работел на покривот и дека кога почнал со работа, најголемиот дел од конструкцијата веќе бил завршен.

За следното рочиште, одбраната на Дејан Јованов предложи седум сведоци, меѓу кои вработени во „Пулс“, пиротехничар ангажиран од Јованов, соработник на групата ДНК и вработен во пожарна.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Процесот почна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по пожарот што избувна на 16 март за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Back to top button
Close