Христовски упатува на одговори во Владата во врска со предлогот за укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница
На прашање во однос на најавите за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР), краток коментар, без да навлегува во детали, даде и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев кој кажа дека ќе го прифатат поддржат секој предлог предлог што оваа соработка ќе ја дуплира или триплира

Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, се воздржа од директен коментар за оценката на Министерството за внатрешни работи дека поради институционална недоверба пропаднала практичната примена на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, чие укинување веќе е во собраниска процедура.
Одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, Христовски порача дека процесот на реформи е политички и го води Владата, а за забелешките од Европската комисија (ЕК) за слабиот надзор и неизвесното физичко одвојување на АНБ од МВР, топката ја префрли кај надзорните тела и извршната власт.
Запрашан како ја коментира констатацијата на МВР во предлог-законот за укинување на координативното тело дека постои институционална недоверба меѓу агенциите – формулација која предизвикува внимание бидејќи станува збор за разузнавачкиот сектор – Христовски не сакаше да навлегува во детали.
„Тоа е политички процес воден од нашата Влада. Сите побарани мислења досега од релевантни фактори во државата поврзани со тој процес имаме одговорено во рамките на тоа колку ние може да бидеме дел од тој процес и не би навлегувал понатаму и подлабоко, бидејќи сепак се работи за сензитивен процес за којшто сè уште се нема изјаснето Владата во детали. Јас би порачал да се има трпение и да се почека да се види Владата што има да каже во врска со тоа“изјави Христовски.
На инсистирањето на новинарите да појасни за каква институционална недоверба станува збор, првиот човек на АНБ кратко упати одговорите да се бараат кај предлагачот.
„Каде што сте го виделе и слушнале тоамислам дека таму би требало да го упатите прашањето“,рече Христовски.
На прашање во однос на најавите за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање (АР), краток коментар, без да навлегува во детали, даде и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, кој кажа дека ќе го прифатат поддржат секој предлог предлог што оваа соработка ќе ја дуплира или триплира.
Христовски не слушнал за партиски вработувања во АНБ
Директорот на АНБ, Христовски беше прашан и околу последниот извештај на Европската комисија, во кој и седум години по реформата на безбедносниот сектор повторно се нотираат забелешки за работата на службите, како и за обвинувањата во јавноста за обиди за инфилтрирање партиски и семејни кадри во Советот за граѓански надзор на безбедносно-разузнавачките служби.
За делот со надзорот, директорот на АНБ посочи дека прашањето треба да се упати до парламентарниот и граѓанскиот надзор, тврдејќи дека Агенцијата е целосно отворена.
„Не само што сме отворени за надзор, туку лично јас и во јавност неколку пати ги имам повикувано сите надзорни тела коишто постојат во државата и согласно закон имаат право и обврска да го мониторираат работењето на Агенцијата, во секое време, со најава или без најава, да дојдат и да проверат сето она што законот дозволува да го проверат“,рече Христовски.
Околу обвинувањата за партизација, тој изјави дека првпат слуша за такво нешто и побара конкретни посочувања. Сепак, тој ја искористи можноста да се пофали со воведувањето на полиграфското тестирање по неговото назначување. Според него, иако Законот за АНБ од 2019 година налага задолжителен полиграф при вработување и за проверка на интегритетот на веќе вработените, оваа одредба не се применувала сè до 2024 година, односно до неговото доаѓање на функцијата.
За уште една децениска забелешка на ЕК – фактот што АНБ ниту по шест и пол години физички не се одвои и не се пресели од кругот на МВР – Христовски одговори кусо велејќи дека прашањата за физичкото сместување и капацитетите се во надлежност на Владата.
Што содржи владиниот предлог за укинување на координацијата?
Кога станува збор за предлог-законот со кој треба да се целосно да се укине Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, тој е пристигнат во Собранието на 15 октомври откако претходно бил утврден на владина седница на два дена претходно, односно на 13 октомври.
Владата предлага укинување на Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница – вовед во спојување на АНБ и АР?
Постапката за преиспитување на овој закон почнала уште во септември 2025 година, кога Владата го задолжила МВР да даде мислење за неговата оправданост. Во образложението со кое се бара укинувањето, МВР не го спори самиот концепт на законот донесен во мај 2019 година, но констатира негова потфрлување во неговата практична примена.
„Оценка на Министерството (за внатрешни работи) е дека Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија е системски правилно поставен и концепциски усогласен со ЕУ и НАТО стандарди, меѓутоа неговата имплементација во пракса е ограничена. Неговата ограничена имплементација е резултат на институционална недоверба, претесен опфат и недостиг на оперативен капацитет“пишува во владиното образложение.
Советот за координација, со кој претседава премиерот, а членуваат клучните министри од безбедносниот и надворешниот ресор, заедно со директорите на АНБ, АР и военото разузнавање, имаше задача да ги усогласува службите, да прави проценки на ризиците и најмалку еднаш на три месеци да го информира државниот врв. Со новиот закон од само два члена, овој Совет и неговата Канцеларија може да заминат во историјата, без притоа во предлогот да се прецизира каков нов механизам ќе ја замени досегашната координација.
Вовед во спојување на АНБ и АР?
Иако засега нема официјална потврда дека двата процеса се директно поврзани, укинувањето на координативното тело во јавноста се чита како логичен вовед во најавуваното спојување на АНБ и АР – проект што е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и за кој премиерот Христијан Мицкоски зборуваше уште во 2024 година.
За ова прашање, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“ во јуни годинава изјави дека не може да се определи додека не види конкретни законски решенија бидејќи дотогаш ѝ биле презентирани само груби скици. Таа тогаш предупреди дека евентуалното спојување мора да помине низ редовна собраниска постапка и стручна дебата, со посебен акцент на парламентарната контрола, спречувањето на преголема концентрација на моќ и заштитата од партизација. На прашањето дали ваквиот чекор би значел одземање на нејзината надлежност да го именува директорот на АР, Сиљановска-Давкова оцени дека сè зависи од избраниот модел и дека постојат опции за поделена улога при предлагањето и давањето согласност за раководството.






