Том Џонс најави турнеја за 2027 година

По сериозни здравствени проблеми доживеани за време на турнејата низ Северна Америка, легендарниот британски пејач Том Џонс ги потврди првите концертни датуми за идната година.
Според информациите на магазинот „Far Out“, тој, по препорака од докторите морал да ги одложи двата концерта во Калифорнија, одржани месецов.
– Поради тежок вид на грип поминав една недела во клиничкиот центар „Роналд Реган“ при Универзитетот УЦЛА, изјави Џонс пред своите обожаватели во грчкиот театар во Лос Анџелес, на четврти месецов.
Пејачот искрено проговори за тешките моменти низ кои поминал за време на болничкото лекување, откривајќи дека во еден момент помислил дека неговиот живот е при крај.
– Помислив: Тоа е тоа. Имаше прекрасен живот, Томи, но сега е крај, раскажа Џонс пред публиката, опишувајќи ги мислите што му минувале низ глава додека бил во болница.
Воедно, упатил пофални зборови и за болничкиот персонал, откривајќи дека уште за време на престојот во болницата знаел што сака да направи по закрепнувањето.
– Лекарскиот персонал ме праша што сакам да правам понатаму, по една недела помината тука, на што им одговорив: Морам да се вратам на сцената. Таму припаѓам. Не можам да живеам без тоа, верувајте ми.
По здравствените проблеми, пејачот ги потврди датите на турнејата во 2027 година.
„Возбуден сум што можам да соопштам дека ќе правам турнеја во 2027 година. Првите концерти се веќе најавени, а сите детали можете да ги најдете на мојата веб страница“, напиша Џонс на својот „Икс“ профил.
Тој изјави дека ова е само почеток и дека во наредниот период ќе бидат објавени дополнителни датуми за концерти.
– Следете нè, наскоро следат најави за нови концерти. Се гледаме, рече Џонс.
Турнејата ќе започне од Велика Британија на 28 мај 2027 година, со концерт на стадионот „ЛНЕР Комјунити“ во Јорк. Додека пак, на 30 мај ќе настапи во родниот Велс, во замокот Кардиф. Еден месец подоцна, на 18 јуни, пејачот ќе настапи на фестивалот во палатата Хемптон Корт во Лондон, а пак на 20, на локацијата Пјер Хед во Ливерпул.
Турнејата ќе продолжи на 23 јуни со настап во замокот Линколн во Линколн, додека на 25 јуни ќе пее во шумата Канок Чејс, во близина на Личфилд. Три дена подоцна, публиката ќе може да ужива во павилјонот во Ланголен, а на 30 јуни ќе настапи во палатата Бленхајм во Вудсток.
Во јули следуваат уште три настапи од првично објавениот распоред, почнувајќи од 8 јули откако ќе се појави на фестивалот „Electric Bay“ во Торки, а на 11 јули во Изложбениот парк во Њукасл, на северот на Англија.
Последниот концерт од првата група најавени датуми ќе се одржи на 18 јули, со појавувањето на фестивалот „On The Beach“, во Брајтон.
Продажба на билетите за најавените концерти ќе започне на 20 ноември во 10 часот, по завршувањето на неколкуте претпродажби.






