Во Македонија секој четврти граѓанин размислува за иселување


Економските тешкотии и неизвесноста за иднината и натаму се меѓу главните причини за загриженост кај граѓаните на Македонија, а значителен дел од населението размислува за живот во странство. Според истражувањето SecuriMeter 2026 на Советот за регионална соработка (RCC), 26,1 процент од испитаниците имаат некаква намера да се иселат од земјата.

Од нив, 14,2 проценти имаат неодреден план за заминување, 6,2 проценти веќе имаат разработен план, а 5,7 проценти започнале да преземаат конкретни чекори за преселување. Наспроти нив, 68,1 процент изјавиле дека не сакаат да ја напуштат Македонија, додека 5,8 проценти не одговориле или не се изјасниле.

Во споредба со другите земји од Западен Балкан, Македонија е под регионалниот просек, кој изнесува 29,3 проценти. Сепак, според уделот на граѓани кои веќе преземаат активности за заминување, земјата е на третото место, зад Босна и Херцеговина и Албанија.

Младите се најизразената група кога станува збор за желбата за живот и работа во странство. На регионално ниво, 58,1 процент од лицата на возраст од 18 до 24 години размислуваат за заминување, а 28,7 проценти од нив веќе имаат разработен план или преземаат конкретни чекори. Овие податоци се однесуваат на целиот Западен Балкан, а не само на Македонија.

Иселувањето и намалувањето на населението се меѓу значајните општествени грижи во Македонија. Дури 80,1 процент од испитаниците ги оценуваат како причина за загриженост. Поголема загриженост предизвикуваат единствено трошоците за живот и инфлацијата, кои ги посочиле 93,8 проценти, како и состојбите со работните места и платите, наведени од 81,7 процент.

— реклама —

LANDOV Митовски тврди: Поранешните сопственици однапред знаат кога АХВ ќе ги собира кравите
Финансиските можности на домаќинствата дополнително ја отсликуваат економската несигурност. Само 31,7 процент од испитаниците во Македонија изјавиле дека можат да покријат неочекуван трошок од 1.000 евра без да се задолжат или да побараат помош од други лица.

Од друга страна, чувството на безбедност во Македонија е повисоко од регионалниот просек. Дека земјата е безбедно место за живеење сметаат 62 проценти од испитаниците, наспроти 56,6 проценти на ниво на Западен Балкан.

Истражувањето покажува дека економските и демографските предизвици остануваат значаен дел од секојдневните грижи на граѓаните, додека намерите за иселување се особено изразени кај помладите генерации.

Back to top button
Close