Трамп: Не брзам да го нападнам Иран, ќе почекам до почетокот на следната година

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска изјави дека „не брза“ да одлучи дали да го нападне Иран и дека таа одлука ќе ја донесе по почетокот на следната година.
„Не брзам да донесам каква било одлука (во врска со Иран). Ќе видиме што ќе се случи по почетокот на годината“, рече Трамп во телефонски разговор со порталот „Аксиос“ (Axios) од авионот „Ер форс уан“ (Air Force One), додека се враќаше во САД од Кина.
Како што наведува порталот, изјавите на Трамп доаѓаат во момент кога тој е под силен притисок од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху – кој моментално е на функцијата во технички мандат – што поскоро да започне одлучувачка кампања на бомбардирање.
„Аксиос“ во средата, повикувајќи се на свои извори, објави дека иако Трамп изјавил оти нов, голем бран напади врз Иран е „малку веројатен“, американскиот претседател сепак ја разгледува можноста за заеднички напад со Израел.
Според два извори запознаени со ситуацијата, Белата куќа побарала од Пентагон и од разузнавачки експерти да проценат како Иран би можел да одговори на секое од сценаријата за напад подготвени од американската војска.
Израел тврди дека поседува разузнавачки податоци кои укажуваат на тоа дека Иран ги интензивирал истражувањето и развојот на хемиско оружје, како и дека спроведувал тестирања. Порталот наведува и изјава на еден американски функционер дека Трамп бил известен за овие нови разузнавачки сознанија.






