Макрон: Русија не покажа дека сака мир, Европа е подготвена да се приклучи на преговорите

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денес во Берлин, по состанокот на „Коалицијата на подготвените“, дека Русија не покажала дека сака мир за да се стави крај на војната во Украина и дека Европа е подготвена да се приклучи на мировните преговори.

„Ние сме подготвени да започнеме мировни преговори со Русија. Да бидеме искрени – Русија не покажа конкретни елементи на мир“, рече Макрон на заедничката прес-конференција, нагласувајќи дека добар формат за одржување на тие разговори вклучува учество на Украина, Русија, САД и Европа, пренесува BFM.

Тој формат „треба да овозможи дискусии за прашањата на териториите под јурисдикција на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој е единствениот што има легитимитет да го стори тоа, потоа безбедносните прашања и прашањето за реконструкција, елементи на долг рок“, рече Макрон.
Тој оцени дека наредните недели ќе бидат клучни за Украина, нејзиниот народ и цела Европа.

Денес, Германија беше домаќин на состанок на околу триесет сојузници на Украина, во време кога Европа сака да го обезбеди своето место на преговарачката маса, но и да обезбеди средства за украинските воени напори.

На покана на германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Макрон и британскиот премиер Енди Бернам, сојузниците на Украина, првенствено Европејците, но и Австралија, Канада и Јапонија, се состанаа попладнево во Берлин.
Целта на состанокот беше да се усогласат позициите за Европа да може да се наметне како неопходен соговорник на масата каде што се преговара за мир за Украина, кој досега беше резервиран за Украинците, Русите и Американците.

Back to top button
Close