Левица: ДПМНЕ го претвора увозот на евтина работна сила во државна економска политика – домашните работници ги брка, странските ги изложува на експлоатација

Соопштение на Левица:

ДПМНЕ ја изгласа Резолуцијата за миграциска политика за периодот 2026-2030 година, со што политиката на привлекување странска работна сила добива официјална институционална рамка. Додека Мицкоски уверуваше дека нема да дозволи неконтролиран прилив на мигранти, Агенцијата за вработување ја зголемува квотата за странски работници, а вицепремиерот Николоски јавно бара таа да биде уште повисока. Под камшикот на Стопанската комора, Владата практично ја претвора желбата на работодавачите за пристап до евтина работна сила во државна економска политика.

➡️Зад оваа политика стои целосното игнорирање на причините поради кои домашните работници ја напуштаат државата. Три години минималната плата не е зголемена, работниците се принудени да се борат за основните права, синдикатите се изложени на притисоци, а Владата одбива да воведе прогресивно оданочување на богатството и капиталот. Наместо да ги принуди работодавачите да понудат достоинствени плати и услови, ДПМНЕ им отвора можност недостигот од работна сила да го надоместуваат со увоз на работници под поповолни услови за капиталот. Македонскиот работник е принуден да замине затоа што не може да живее од својата плата, а сега на неговото место се доведуваат луѓе кои ќе работат за 400, 500 или 600 евра.

📌Но, во какви услови доаѓаат овие работници? Наместо системска поддршка, пристојно сместување, социјална заштита и механизми за интеграција, странските работници често се оставени на милост и немилост на работодавачите и посредничките агенции. Луѓе се сместуваат по десетмина во еден стан, работат за ниски плати и живеат во услови недостојни за еден човек. Кога работникот зависи од работодавачот не само за работното место, туку и за сместувањето и престојот, неговата ранливост кон уцени и експлоатација станува уште поголема. Ова е модел што опасно се приближува до современо ТРУДОВО РОПСТВО, во кој човечкиот труд се третира како евтина увозна стока.

👷Апсурдот е уште поголем што Владата најавува стратегија за интеграција на странските работници, но нејзиното донесување го остава за следната година. Приемот на работна сила се институционализира веднаш, а прашањата за нивната заштита, животните услови и интеграцијата се оставаат за подоцна. Во меѓувреме, не постои одговор на прашањето кој ќе гарантира дека овие луѓе нема да бидат жртви на работна експлоатација и трговија со луѓе, ниту кој ќе ги контролира работодавачите и агенциите што ги доведуваат.

❌ДПМНЕ одбива да ги зголеми платите и да ги подобри условите за работа на македонските работници, затоа што тоа би значело поголеми трошоци за работодавачите и помал профит за газдите. Наместо да обезбеди пристојна плата и услови за живот за сопствените граѓани, Владата им нуди на работодавачите нов извор на евтина работна сила, со што дополнително се зголемува конкуренцијата меѓу работниците и се врши притисок врз нивните плати и права. На овој начин, товарот на економската политика повторно паѓа врз работничката класа, додека интересите на капиталот остануваат заштитени, а нивните апетити – заситени.

Back to top button
Close