Утре продолжува амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година


Собраниската Комисија за финансирање и буџет попладнево ја продолжи амандманската расправа за предлог-буџетот за 2027 година. На седницата беа разгледани осум амандмани поднесени од Левица, СДСМ и коалицијата „Европски фронт“ и Албанска лига, кои беа отфрлени. Левица повлече еден поднесен амандман. Седницата на Комисијата продолжува утре во 10:30 часот. За предложениот буџет поднесени се 400 амандмани од овластени предлагачи.

Разгледаните амандмани од Левица се однесуваа на обезбедување дополнитени средства, 407 илјади евра за основање дипломатска академија, околу 400 илјади евра за програмата за соработка со дијаспората за претставување на современата македонска култура во странство, за организирање и учество на меѓународни саеми и поврзување, поврзување на локалните производители со странски пазари, за подобрување на дипломатско-конзуларните услуги.

Поднесените амандмани од СДСМ и коалицијата се однесуваа на обезбедување дополнитени 20 милиони евра за унапредување на даночниот информациски систем во Даночната управа со акцент на дигиталното следење на барањата за поврат на ДДВ, автоматизирано известување на компаниите и создавање на транспарентна евиденција за динамиката на постапувањето и да се обезбедат дополнителни 15 милиони денари со цел да се унапреди, доразвие ИФМИС системот, со посебен акцент на регистрирањето, следењето и анализата на преземените финансиски обврски на буџетските корисници.

Амандманот од „Европски фронт“ се однесуваше на барањето дополнителни средства во вредност од 50 милиони за поддршка на долгорочно невработени лица.

Отфрлениот амандман на Албанската лига се однесуваше на обезбедување средства во износ од 723.855.000 денари за формирање посебна компензациска програма за општините кои биле исклучени од распределбата на средства од унгарскиот кредит.

Во предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е 4,8 отсто во споредба со 2026 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.

За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.

Back to top button
Close