Трамп ја спореди средбата со Си и Путин со историската конференција во Јалта

Американскиот претседател Доналд Трамп денес ја спореди трилатералната средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин, одржана оваа недела во Кина, со историската конференција во Јалта во 1945 година, оценувајќи дека резултатите од разговорите би можеле да бидат подеднакво значајни.
„Јалта беше голем настан. Не размислував за тоа. Едноставно отидов на состанокот знаејќи дека се сложувам многу добро со двајцата и дека ќе успееме да ги надминеме нашите разлики. Го направивме тоа“, им рече Трамп на новинарите на прес-конференцијата во Белата куќа, пренесува АП.
Тој додаде дека ја сфатил важноста на состанокот дури потоа.
Трамп истакна дека лидерите разговарале за одговорноста што ја имаат како претставници на трите најголеми нуклеарни сили во светот, со оценка дека нуклеарна војна никогаш не смее да се случи.
Според него, тие разговарале и за потребата од прекин на конфликтот во Иран, како и за војната меѓу Русија и Украина.
Американскиот претседател оцени дека има добри односи и со Москва и со Пекинг, а трилатералната средба ја опиша како исклучително успешна.
„Се сложувам добро со Русија. Се сложувам добро со Кина. Се сложувам добро со многу луѓе“, рече Трамп, додавајќи дека има „неверојатна енергија“ меѓу него, Си и Путин и дека нивниот однос е „фантастичен“, објави NBC News.
Трамп ги нарече критичарите на неговите односи со рускиот и кинескиот претседател „глупави луѓе“, одговарајќи на критиките предизвикани од неговата изјава дека го смета Путин за пријател.
„Имаме многу добри односи. Тоа е позитивна работа, патем. Некои глупави луѓе, вклучувајќи некои во оваа просторија, велат дека е ужасно. Се сложувам добро со Русија, се сложувам добро со Кина и со многу други луѓе. Секако, не се сложувам со некои“, рече Трамп.
Тој особено нагласи дека кинескиот претседател Си Џинпинг го пречекал на аеродромот по неговото пристигнување во Кина, што го оцени како знак на почит кон САД.
„Многу ми беше чест што претседателот Си ја пречека нашата земја, а не мене лично, на аеродромот. Тој никогаш порано не го направил тоа и тоа значи дека ја почитува нашата земја“, рече Трамп.
Во таа прилика, тој го критикуваше и својот претходник Џозеф Бајден, наведувајќи дека Си не го пречекал поранешниот американски претседател за време на неговата посета.
Американскиот претседател оцени дека е голема предност за САД да имаат претседател на чело на земјата кој одржува добри односи со лидерите на најмоќните земји во светот.
Трамп, исто така, откри дека тој и Си се согласиле да воспостават заеднички заштитни мерки во областа на вештачката интелигенција (ВИ), но не даде детали за тоа како би изгледале тие.
„Претседателот Си и јас се согласивме да воспоставиме заеднички заштитни мерки, бидејќи навистина нема трето место во оваа трка“, рече Трамп, осврнувајќи се на развојот на вештачката интелигенција.
Тој процени дека САД се водечки во развојот на таа технологија, додека Кина е на второ место, додавајќи дека победникот во таа трка ќе има предност во развојот на таканаречената суперинтелигенција.
За време на своето обраќање, Трамп го пофали и кинескиот град Шенжен, каде што се одржаа трилатералните разговори, особено нагласувајќи ја неговата чистота и нивото на развој.
„Тој е беспрекорно чист. Си заврши фантастична работа за својата земја“, рече Трамп.
Во исто време, тој ја критикуваше состојбата на американските градови, особено оние управувани од демократите, тврдејќи дека се запуштени и се соочуваат со високо ниво на криминал.
Зборувајќи за односите со Путин, Трамп оцени дека добрите односи со рускиот претседател претставуваат дополнителна сила за САД, во исто време изразувајќи разбирање за тешкотиите со кои, како што изјави, се соочува Москва поради војната во Украина.
„Го сметам за личност со која имам многу добри односи. Русија има многу нуклеарно оружје, тие се втори зад нас во тој поглед. Мислам дека тоа ни дава дополнителна сила“, рече Трамп.
Тој додаде дека Путин поминува низ тежок период поради војната во Украина, која според него требало да трае еден ден, но веќе трае пет години.
(






