Младите во Германија и Холандија протестираат против враќањето на воениот рок и зголемувањето на воените трошоци


Во Германија, илјадници ученици протестираа во повеќе градови против плановите за враќање на задолжителната воена служба, барајќи истовремено повеќе средства за образованието, мерки за справување со зголемените трошоци за живот и подобри перспективи за младите.

Во Берлин, демонстрантите се собраа на плоштадот Александерплац, од каде тргнаа кон Маријаненплац, носејќи транспаренти со пораки „Дипломати наместо војници“, „Мерц мора да поднесе оставка“ и „Умирањето не е на мојот училишен распоред“.

Дел од протестните пораки се повикуваа и на популарната видео-игра GTA 6, со транспаренти „Ова не е игра“, додека некои демонстранти ја споредуваа актуелната политичка и општествена состојба во Германија со светот на GTA.

„Начинот на кој се организираат работите во оваа земја повеќе наликува на лоби во GTA отколку на држава во која социјалната поддршка и благосостојбата на граѓаните треба да бидат на прво место“, изјави демонстрантката Леони, критикувајќи го начинот на управување со државата.

Други учесници ги посочија и проблемите со вработувањето, особено кај младите кои завршуваат образование, но тешко наоѓаат работа. Ана, која се образувала за развој на видео-игри, вели дека не успева да најде работа во секторот, обвинувајќи го заситениот пазар, зголеменото присуство на содржини генерирани со вештачка интелигенција и недостигот од можности за почетници.

„Сите сакаат да играат GTA, но никој не сака да се погрижи младите како нас да имаат шанса“, порача таа.

Според германскиот „Тагешпигел“, еден од протестите го организирало движењето „Gen Z regelt“, кое, покрај противењето на воената служба, се залага и за поголема поддршка за менталното здравје, борба против зависностите и посилна заштита на климата. Во Берлин, властите ангажирале до 1.600 полицајци за одржување на јавниот ред и мир.

Протестите се проширија и во Холандија, каде што ученици и студенти во најмалку 16 градови ја напуштиле наставата во знак на протест против можноста за повторно воведување воена регрутација и зголемувањето на воените расходи. Во протестите учествувале неколку илјади млади, а акцијата опфатила повеќе од 60 училишта и универзитети.

Холандските демонстранти бараат прекин на военото регрутирање во образовните институции, како и транспарентност од училиштата и универзитетите во врска со нивната соработка со Министерството за одбрана и индустријата за вооружување.

Протестите следуваат по најавата на државниот секретар за одбрана на Холандија, Дерк Босвијк, за планови за воведување систем на „селективен“ повик за воена служба.

„Тие ни го прават животот недостапен. А сега мислат дека можат да нè принудат да одиме во армија?“, порачаа организаторите на протестите во Холандија.

Демонстрациите во двете земји ја одразуваат растечката загриженост кај младите за последиците од милитаризацијата, зголемените воени издатоци и можноста воената служба повторно да стане дел од нивната иднина, во време кога истовремено се соочуваат со економска несигурност, проблеми со вработувањето и растечки трошоци за живот.

Back to top button
Close