Тошковски: Придобивките од „One Stop“ веќе се видливи, на Табановце чекањето е намалено на околу 30 минути

Придобивките од „One stop“ се веќе видливи, потенцираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговата Фејсбук-страница, по денешното промовирање на системот на граничниот премин „Ќафасан“.

– Денеска на ГП „Ќафасан“, во присуство на премиерите Христијан Мицкоски и Еди Рама, го промовиравме системот „One stop“ за заедничка гранична контрола меѓу Македонија и Албанија. Со ова го заокружуваме процесот на воспоставување на системот „One stop“ со нашите соседи надвор од Шенген-зоната, по претходната имплементација со Србија и Косово. Придобивките од овој модел веќе се видливи. На ГП „Табановце“, по воведувањето на „One stop“, времето на чекање во одредени периоди се намали од неколку часа на околу 30 минути и покрај зголемениот патнички сообраќај за 15 до 20 проценти – истакна министерот во објавата.

Тој нагласи дека истото се очекува и на ГП „Ќафасан“ – побрз проток на патници и возила, помалку непотребни задржувања, поедноставени процедури и подобра координација меѓу граничните служби.
Министерот додаде дека целта е граѓаните да поминуваат помалку време на границите, а граничните контроли да останат ефикасни и безбедни.

– Продолжуваме со модернизација на граничните премини, дигитализација и зајакнување на регионалната соработка. Бидејќи секое скратено чекање значи повеќе време за граѓаните, полесно патување и подобри услови за туризмот и економијата – порача министерот.






