Двете недовршени згради во кампусот на УКИМ ќе бидат за ФИНКИ, Јаневска очекува вселување во 2029 година


Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) треба да се всели во двете недовршени згради во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2029 година, според процената што ја изнесе министерката за образование и наука Весна Јаневска во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој првично беше наменета едната од зградите, се планира надградба на објектот на сегашната локација.

Иако двете згради со години се изложени на временските влијанија, Јаневска повтори дека стручната анализа покажала дека изградбата може да продолжи.

„Имаме стручно мислење од релевантни професори кои велат дека можеме да продолжиме да градиме. После тоа објавивме тендер за фирма која ќе го направи архитектонското решение, затоа што имаме мала промена. Сега двете згради ќе бидат на ФИНКИ, а ФФК ќе се доградува на истата локација каде што сега се наоѓа“ рече Јаневска.

Според министерката, идејното решение веќе им е претставено на идните корисници. Наместо првично планираниот неокласичен изглед, зградите ќе имаат модерна фасада со бела површина и делови од црн мермер. Во проектот се внесени и забелешките на професорите за движењето на студентите и за распоредот на канцелариите и деканатот. Со Министерството за транспорт останува да се утврди како, во согласност со прописите, да се изведе топлата врска меѓу зградите.

Јаневска очекува тоа прашање да се реши до крајот на декември, по што Министерството ќе може да објави тендер за изведувач. Проценува дека изборот ќе трае најмалку два месеца, а постапката може да се оддолжи доколку има жалби. На прашањето дали доградбата би почнала до летото, таа одговори:

„Или до лето да ја завршиме процедурата, па во втората половина секако ќе почне нешто“.

Со предлог-буџетот за 2027 година за доградбата на двете згради се предвидени 29 милиони денари (околу 450 илјади евра). Министерката вели дека тие пари се доволни за почеток на работите, а ако догодина бидат потребни дополнителни средства, тие би можеле да се обезбедат со ребаланс. За завршување на објектите, според неа, би биле потребни околу 18 месеци од почетокот на работите.

„Од искуството со студентските домови и контактите со тие изведувачи, но секако и со разговори со стручни лица, велат дека во период од година и пол од моментот кога ќе се почне, тие би требало да бидат завршени“,

рече Јаневска.
Прашана дали е оправдано двете згради да му припаднат на ФИНКИ со оглед на тоа што годинава факултетот запиша помалку студенти, Јаневска рече дека уписната квота е намалена според потребите на пазарот на трудот. Очекува дека со развојот на вештачката интелигенција ќе расте и потребата од други профили во информатиката, особено од стручњаци за сајбер-безбедност и од аналитичари на податоци.

За Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, покрај надградбата, се разгледуваат реконструкција на постојната спортска сала или изградба на нова. Сè уште е отворено и прашањето дали на таа локација ќе се гради базен, рече министерката.

Back to top button
Close