МАКЕДОНИЈА МОРА ДА ИМА СТРАТЕГИЈА, А НЕ САМО ВЛАСТ
Моето присуство во медиумите и на социјалните мрежи преку колумните во кои пишувам за реалноста во нашата Македонија, очигледно предизвикувам интерес меѓу граѓаните, но и меѓу политичките партии, како од власта така и од опозицијата.Тоа за мене воопшто не е изненадување, затоа што низ професионалниот животен пат двапати сум учествувал во изборни циклуси како независен кандидат. Во двата случаи сум добил силна доверба од граѓаните.

Во 2002 година учествував на парламентарните избори, на кои Социјалдемократскиот сојуз ја оствари најголемата изборна победа во својата историја.
Во 2005 година се кандидирав за градоначалник на Град Скопје како независен кандидат, со политичка поддршка од ВМРО-ДПМНЕ.
Во првиот случај станав пратеник во Собранието на Република Македонија, а во вториот градоначалник на главниот град.
Мојата политичка поддршка никогаш не значела и моја политичка послушност. Со Социјалдемократскиот сојуз се разминавме во ставовите во моментот кога се носеше Законот за територијална поделба. Цврсто застанав зад референдумот од 2004 година, заедно со денешната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, Билјана Ванковска и многу други интелектуалци. Од Собранието излегов разочаран затоа што сметав дека територијалната организација на локалната самоуправа не се прави според современите стандарди за функционален и економски развој на општините, туку создава слика на нивно етничко разграничување.
Држава не се гради со поделби. Држава се гради со функционални институции, економија и заедничка иднина.
Како градоначалник на Град Скопје градот го видев домаќински. Кога стапив на функцијата затекнав долг што изнесуваше околу 80 проценти од годишниот буџет на Град Скопје.
Веројатно сум еден од ретките, ако не и единствениот градоначалник на Скопје, кој ја презел функцијата со толкав товар, а си заминал со измирени обврски кон комитентите на Градот и кон јавните претпријатија. На денот кога ја напуштив функцијата, во буџетот на Град Скопје оставив околу 8 милиони евра, што претставуваше приближно 20 проценти од тогашниот годишен буџет.
Тоа е разликата меѓу трошење власт и управување со одговорност.
За две години долговите беа измирени, а финансиската состојба на Град Скопје беше оценета со ББ+, во период кога кредитниот рејтинг на државата беше ББ.
Делата што останаа зад мојот мандат најдобро зборуваат за начинот на кој работев. Капиталните инвестиции беа реализирани без сомнеж за криминал и корупција.
Но, постои нешто што за мене има уште поголемо значење, а тоа е фактот што во администрацијата на Град Скопје и во јавните претпријатија, има луѓе кои работеле во времето кога бев градоначалник и кои сѐ уште ме нарекуваат „татко“ и ме почитуваат, не затоа што од нив барав послушност, туку затоа што барав работа, одговорност и човечки однос.
Мојата визија беше едноставна:
Администрацијата мора да биде сервис на граѓаните, а не сервис на партијата.
Мојот однос кон секој вработен беше отворен. Сакав да ги разберам неговите потреби, но истовремено барав од него повеќе работа и повеќе посветеност кон граѓаните. Токму од тоа искуство денес сакам да отворам една многу голема и битна тема.
ЧОВЕКОТ Е НАЈГОЛЕМИОТ КАПИТАЛ НА ДРЖАВАТА
Почитувани читатели,
Сакам да ја промовирам мојата визија за иднината на Македонија во чија основа не стои ниту партија, ниту институција, ниту функција, туку човекот пред сѐ.
Секој граѓанин на оваа држава е нејзин базичен капитал, без разлика на неговата возраст, етничка или верска припадност.
Човекот е најголемото богатство што го има една држава и затоа општеството мора да води грижа за него во текот на целиот негов живот, почнувајќи од детството па сѐ до длабоката старост.
Кога зборуваме за човекот како поединец, неговата етничка и верска припадност мора да бидат второстепени во однос на заедничкиот интерес. Живееме заедно, делиме соживот и само заедно можеме да ја изградиме иднината. На секој човек мора да му обезбедиме квалитетно образование и достапно здравство, но и да вратиме нешто, попатно изгубено низ транзицискиот период, а тоа се домашното воспитување и системот на вредности.
НЕ ЈА ПОДГОТВУВАЈТЕ МЛАДИНАТА ДА БАРА РАБОТНО МЕСТО — ПОДГОТВЕТЕ ЈА ДА СОЗДАВА
Еден од најголемите проблеми на нашиот плуралистички систем е што значителен дел од младата популација својата иднина ја гледа во вработување во државните институции, најчесто преку партијата. Тоа е сосема погрешен модел. Државната администрација е неопходна за функционална држава, но кога администрацијата се користи како простор за партиско вработување и политичко наградување, таа престанува да биде функционална. Згора на тоа го уништува потенцијалот на младите луѓе. Наместо младиот човек да го учиме низ животот да создава со сопственото знаење, труд, иницијатива и претприемништво, ние го учиме да чека партијата да му обезбеди работно место.
Така не се создава генерација што ќе ја движи државата напред туку генерација зависна од буџетот.
Силен државен буџет не се создава со повеќе буџетари. Се создава со силно стопанство што го полни тој буџет.
Тоа е суштинската разлика.Младите треба да ги подготвуваме да стекнуваат знаење и вештини, да создаваат компании, производи и услуги, да работат, да произведуваат, да инвестираат и да го почитуваат законот.
Државата не треба да произведува зависни луѓе. Треба да создава способни луѓе.
Тоа е основниот услов за вистинска иднина.
ДОМАШНОТО ВОСПИТУВАЊЕ Е ПРВАТА ИНСТИТУЦИЈА
Сакам да упатам една искрена порака до сите родители на основци и средношколци
Посветете му особено внимание на домашното воспитување. Ниту едно училиште, ниту еден универзитет и ниту еден закон не можат целосно да го надоместат она што детето не го научило дома.
Домашното воспитување, во својата наједноставна форма, звучи како библиските заповеди, како начелата на светата книга:
Не кради.
Не лажи.
Научи да работиш.
Научи чесно да заработуваш.
Почитувај го другиот.
Преземи одговорност за сопствените постапки.
Сè повеќе чувствуваме дека дел од тие вредности исчезнуваат. Затоа, образовните институции, семејството и надлежните институции мораат заеднички да најдат начин тие вредности повторно да станат дел од воспитувањето на генерацијата што утре ќе ја води Македонија.
НЕ МОЖЕ ДА ИМАМЕ ИДНИНА СО ОБРАЗОВАНИЕ БЕЗ КРИТЕРИУМИНашето образование подолго време е во состојба на летаргија.
Фактот дека на приближно 55.000 студенти во Македонија имаме 17 универзитети сам по себе отвора сериозно прашање за квалитетот, критериумите и одржливоста на високообразовниот систем.
Не ни требаат дипломи заради дипломи, туку знаење заради знаење кое се вреднува на пазарот на трудот.
Дипломата без знаење не создава развој. Таа создава само илузија дека имаме образован кадар.
Неопходно е сериозни реформи, ресет на универзитетскиот систем, што не е ниту едноставен, ниту брз процес. Фундаменталните промени во образованието не смеат повеќе да се одложуваат.
Македонија мора да одлучи дали сака статистика од повеќе дипломирани луѓе или реално повеќе способни луѓе.
Јас го избирам второто.
ЗДРАВЈЕТО НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПРИВИЛЕГИЈА
Здравството мора да биде достапно за секој човек, особено мора да размислиме како капацитетите на приватните здравствени установи, преку јасен и одржлив систем, можат да бидат ставени во функција и на осигурените граѓани. Недозволиво е човек кој 40 години работел и секој месец издвојувал средства за здравствено осигурување, кога ќе стане пензионер да се најде во ситуација во која не може навремено да добие медицинска услуга затоа што нема пари за приватно лекување.
Здравјето не смее да зависи од дебелината на паричникот.
Овој проблем бара фундаментална ревизија на системот.
Државата постои за да му помогне на човекот токму тогаш кога тој е најкревок.
БЕЗ СИЛНО СТОПАНСТВО НЕМА СИЛНА ДРЖАВА
И конечно, стопанството.
Стопанството е базичниот фактор за развој на државата.
Колку повеќе млади луѓе ќе едуцираме и подготвиме да влезат во реалниот економски сектор, толку поголема е шансата Македонија да стане напредна и финансиски стабилна држава.
Не може да имаме силна социјална политика, добро здравство, квалитетно образование без силно стопанство.
Не може да имаме богата држава ако не создаваме нова вредност.
Со постојано зголемување на партиски вработената администрација не тапкаме само во место, туку одиме назад, се уназадуваме. Затоа, вистинската стратегија за Македонија мора да почне од четири столба: образованието, здравството, стопанството, владеење на правото и правна држава.
Над сите нив, како ореол треба да блеснат чесноста и одговорноста на човекот.
Македонија не е сиромашна затоа што нема луѓе, имаме паметни, способни и вредни луѓе. Нашиот проблем е што предолго не создаваме систем во кој тие луѓе ќе можат да го дадат најдоброто од себе.
Не ни треба уште една генерација што ќе прашува: „Кој ќе ме вработи?“
Ни треба генерација што ќе прашува: „Што можам да создадам?“
Тука почнува вистинската промена и тука, според мене, почнува вистинската стратегија за развој на Македонија.
Во следните мои колумни посебно ќе се осврнам на младите и нивната иднина, на образованието, здравството и стопанството, затоа што, ако сакаме да зборуваме за иднината на Македонија, мораме конечно да престанеме да мислиме само од избори до избори.
Државата не се гради за еден мандат.
Државата се гради за генерациите што доаѓаат.
Трифун Костовски






