Готово е со НАТО и ЕУ, какви што ги знаеме

Денко Малески

Може генералниот секретар на НАТО Марк Руте да го нарекува Доналд Трамп „татенце“ колку што сака, но американскиот претседател е „татенце“ коj одбива да плаќа алиментација. Сепак, ова не е само волја на еден човек, туку во прашање е структурна промена во светската политика.

Промена која произлегува од новата диструбуцијата на моќ меѓу големите сили која ги редефинира односите меѓу трансатлантските сојузници. Појавата на новата ривалска сила Кина, го принудува довчерашниот хегемон во униполарната ера да се помести кон Азија, процес кој веќе е започнат. НАТО, кој беше синоним за Америка, во новите околности, се повеќе мора да значи Европа. Не се повлекуваме целосно, порачува Вашингтон, но морате да ја преземете одговорноста за сопствената безбедност и да ја решите војната во Украина.

Но за мир потребно е повеќе од убедување на европските сојузници да го следат Трамп. Претседателот на Америка треба да ја убеди домашната опозиција на својата политика на мир во Украина, на која се противат делови од републиканската партија, ЦИА и воено-индустрискиот комплекс. И додека, ЦИА ја тера старата политика на рушење на режимот на рускиот претседател, продолжувајќи да ја снабдува украинската армија со витални сателитски информации за цели длабоко во Русија, Трамп, на самитот во Кина, јавно го нарекува Путин „мојот пријател“.

Неговиот заменик министер за војна Елбриџ Колби, пак, некни им рече на европските политичари дека нивните ракетни и дрон-напади на територијата на Русија „не се ефикасни во приближување до крајот на војната,ниту придонесуваат во запирањето на руското напредување на фронтот“и дека „таквите напади, особено врз цивилната инфраструктура веројатно ја зацврстиле решеноста на руското насление и подготвеноста на Кремљ за ескалација“.

НАТО и ЕУ досега беа две страни на една паричка. Имаше и еден вообичаен редослед за идните членки на ЕУ: прво стануваш членка на НАТО со што го решаваш прашањето за својата безбедност, а потоа станувш членка на ЕУ. Работите се менуваат. Инсистирањето на Америка ЕУ да отвори дебата за сопствената безбедност, најважното нешто во животот на една држава или на еден поединец, има потенцијал да ја фрагментира Европа. Без „помирителот“ Америка во погон ќе се пуштат историските европски ривалитети меѓу големите европски сили кои ќе почнат да се вооружуваат.Задачата е уште потешка во контекстот на заедничка европска безбедносна структура на која инсистира Русија како услов за запирање на војната во Украина. Големо е прашањето дали европските држави воопшто можат да постигнат консеснсус за заедничка безбедносна структура внатре во ЕУ а камили и со Русија. На крајот, се чини, војната ќе се одлучи на теренот а не на преговарачката маса со „замрзнат конфликт“ на линија слична на она во Кореа и нови територијални загуби за Украина. ЕУ би сакала се да биде по старо: НАТО-сојуз под доминација и под безбедносниот чадор на Америка и нова Студена војна со Русија. Оттаму и инстиктивната реакција на комесарката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас која порача дека дијалог со Русија не е потребен зашто „си го имаме НАТО“.

И нашите политичари би сакале се да е како некогаш и така се однесуваат. Сигурно сте забележале дека во Македонија, дебатата за ЕУ-членство се води како ништо од ова погоре напишаното да не се случува. Македонскиот премиер кој некни беше на состанок на „волните или спремните“ (за војна со Русија), одржан во Берлин на 19 ноември се пофали дека „сме седеле на истата маса“, но не објани на каква маса седиме. Имено, тоа е масата од која, контра на политиката на Трамп за запирање на војната, европските учесници му ветија целосна поддршка на украинскиот претседател Зеленски да ја продолжи војната до победа. Зафатени со локални работи,во македонската јавност не ја регистрира реакцијата на германскиот министер за одбрана Писториус на ставовите на Американецот Колби изнесени на Контакт-групата за Украина само два дена порано во Брисел. Писториус, имено, ги нарекол овие американски ставови „quite a stupid thing“ („прилично глупава работа“) иако јас мислам дека глупавата и брутална работа е да се продолжи војната до последниот Украинец, став кој го споделуваат 80 проценти Украинци.

Нашата дипломатија на мала земја, фатена во лимбо надвор од ЕУ, нема друга опција во моментот освен да седи на две столчиња, европско и американско,но ваквата позиција ќе станува се понеудобна. Зашто, ниту на Трамп можеме да му кажеме дека неговата политика е stupid, ниту на Писториус дека зборува глупости.

И кога помислив дека не одмина и последниот воз за Брисел, директорот на ЕУ за проширување најави уште еден воз на почетокот од идната година, со можни поатокази за Србија и за Македонија. Не знам за Србија ама знам дека на тој воз Македонија нема да се качи. Условот, според зборовите на бриселскиот функционер во заминување е исполнување на европското, не бугарското барање, нагласи тој: Бугари во македонскиот устав. Заробеници на својата победа на анти-бугарски сентименти, политичарите кои ја водат нашата држава денес, не можат да сменат курс, како што не можат да сменат курс кон мир со Русија политичарите кои ја водат Германија и Франција денес. Надежта за мир е во новите што ќе дојдат на власт на идните избори, АФД во Германија и партијата на Мари Лепен во Франција, кои имаат сосема поинакви погледи како за војната со Русија, но и за НАТО и за ЕУ. Па тогаш, зошто воопшто би брзале да го фатиме последниот воз за ЕУ кога знаеме дека завршија „златните времиња“ на Европа и не чекаат мачни и драматични промени? За да учествуваме во вообликувањето на новото статус кво во Европа и колку да било мало нашето влијание. Зашто, со оваа „ни за милиметар не се поместуваме“- политика, може повторно да се најдеме по ходниците, во очекување да слушнеме што е решено за нас.

Back to top button
Close