Рајанер ги менува правилата: Патниците ќе дознаваат каде седат само два часа пред летот

Патниците на авиокомпанијата „Рајанер“ кои не сакаат дополнително да платат за избор на седиште отсега ќе мора да чекаат подолго за да дознаат каде ќе бидат сместени во авионот. Според новите правила, местото ќе им биде доделено во периодот од 72 часа до два часа пред полетувањето.
Досега патниците добиваа случајно избрано седиште веднаш по завршувањето на интернет-пријавувањето за летот. Новата политика почнала да се применува кон крајот на октомври, со воведувањето на зимскиот ред на летање, без претходно известување од компанијата.
Промената предизвика различни реакции кај патниците. Додека едни ја критикуваат одлуката, други сметаат дека не е особено значајна, бидејќи секој патник сепак ќе добие седиште.
Од „Рајанер“ објаснуваат дека промената е направена поради поплаките од летната сезона. Дел од патниците се жалеле дека не можеле да го резервираат посакуваното место на денот на патувањето, бидејќи претходно веќе им било доделено бесплатно, по случаен избор.
Портпаролот на компанијата посочил дека авиокомпанијата самостојно го одредува времето на доделување на бесплатните седишта. Со преминот на зимскиот ред на летање, времето за нивно доделување било поместено од 24 часа на повеќе од три часа пред полетувањето. Дигиталните карти за влез во авионот автоматски се ажурираат неколку часа пред летот.
Покрај промената на правилата за седиштата, „Рајанер“ воведе и нов рок за предавање на багажот на аеродромските шалтери. Отсега услугата се затвора 60 минути пред полетувањето, наместо досегашните 40 минути.
Компанијата претходно ги зголеми и цените на билетите за следното лето, а најави и можност за привремено замрзнување на платите на вработените. Овие одлуки следуваат по наглото поскапување на авионското гориво, предизвикано од конфликтот на Блискиот Исток.
Новите правила значат дека патниците кои не сакаат да доплатат за конкретно седиште ќе мора да го почекаат автоматското доделување, додека оние што сакаат однапред да го изберат местото ќе треба да ја платат дополнителната услуга.






