Мрежата за заштита од дискриминација го прозва Гаши: Кога законските измени за заштита на жените ќе дојдат на дневен ред?

Прв на т.н. „ѕид на срамот“ на Мрежата за заштита од дискриминација се најде собранискиот претседател Африм Гаши, од кого граѓанските организации бараат одговорност бидејќи на дневен ред во парламентот сè уште не се ставаат предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кои се поднесени уште во август годинава

 

Инспирирани од „ѕидот на срамот“ на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Мрежата за заштита од дискриминација најави дека со слична иницијатива ќе ги прозива носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството и заштитата на жените

Прв на листата се најде собранискиот претседател Африм Гаши, од кого граѓанските организации бараат одговорност бидејќи на дневен ред во парламентот сè уште не се ставаат предлог-измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени уште во август годинава.

„Додека законските измени чекаат, жените ги убиваат. Три месеци од поднесувањето на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Седум месеци од одржувањето на надзорната расправа, без усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и институционални одговорности. Во меѓувреме, седум фемициди во 2026 година. Бараме јавни одговори, конкретни мерки и политичка одговорност!“велат од Мрежата за заштита од дискриминација.

Оттаму го прашаа Гаши зошто не постои итност за заштита на животите на жените, кога предлог-законските измени ќе бидат ставени на дневен ред во Собранието и кога ќе се усвојат заклучоците од надзорната расправа.

Вчера, на почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“, претставници на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација повикаа итно усвојување на предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени уште во август.

Предупредија дека дел од пратениците, под влијание на антиродовите движења, го блокираат процесот со цел постојниот предлог да се повлече и да се отвори нов во кој ќе бидат изоставени термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“, по примерот на последните законски измени во образованието.

Back to top button
Close