Дурмиши: Во владината кошничка нема кирија, бидејќи над 90 проценти од граѓаните имаат сопствен дом

Различниот опфат на производи, услугите и начинот на пресметување се главните причини поради кои владината и синдикалната потрошувачка кошничка покажуваат различни износи. Ова денеска го објасни министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека синдикалната кошничка не треба да се смета за минимален износ потребен за живот, туку за посакувана потрошувачка на едно четиричлено семејство.
Според Дурмиши, владината потрошувачка кошничка е изработена врз основа на податоци од надлежните институции и има цел да ги прикаже просечните месечни трошоци на едно четиричлено семејство, објави 4news.mk
Тој посочи дека разликите произлегуваат и од производите што се вклучени во пресметките. Во синдикалната кошничка, како што наведе, се опфатени тутун, алкохол и одредени прехранбени производи кои не се продаваат и не се консумираат во текот на целата година.
Дурмиши нагласи дека владината кошничка содржи повеќе од 100 производи, а како пример ја посочи разликата во месечниот раст. Според него, во претходниот месец владината кошничка се зголемила за 900 денари, додека синдикалната бележела раст од 400 денари.
Дополнителна разлика е и начинот на кој се пресметуваат трошоците за домување. Во владината кошничка не е вклучена кирија, бидејќи, според статистичките податоци што ги користи Министерството, над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствени домови. Синдикалната кошничка, пак, предвидува и трошок за изнајмување стан.
Министерот се осврна и на можноста за зголемување на цената на електричната енергија, како и на потенцијалното влијание врз сметките на домаќинствата, компаниите и инфлацијата.
Тој рече дека мерките што досега ги донело Министерството остануваат во сила, меѓу кои се намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати и намалувањето на акцизата.
Дурмиши додаде дека состојбата внимателно се следи и дека институциите ќе реагираат доколку има потреба од дополнителни мерки. Сепак, нагласи дека цената на електричната енергија е во надлежност на Министерството за енергетика, од каде што треба да произлезат евентуалните предлози за интервенции, кои потоа ќе поминат низ владините процедури.





