Марта Кос: Албанија да се подготви за влез во ЕУ во 2030


Албанија би можела да стане членка на Европската Унија до 2030 година, доколку ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 и го потпише договорот за пристапување во 2028 година. Оваа динамика ја посочи еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за „Еуроњуз Албанија“.

Кос оцени дека 2027 може да биде година на Албанија, но нагласи дека преостанува значителна реформска работа. Напредокот ќе зависи од владата и парламентот, како и од примената на донесените закони.

Покрај исполнувањето на условите за затворање на секое поглавје, потребна е и поддршка од земјите членки. По потпишувањето на договорот за пристапување следува неговата ратификација, што е дел од временската рамка до можното членство во 2030 година.

Според Кос, Тирана треба да работи и со владите на членките за да ја обезбеди нивната поддршка. Таа повика реформите да се спроведуваат низ инклузивен процес, со учество на различните општествени чинители.

Албанија веќе ги има отворено сите преговарачки кластери. Според прегледот на Европската комисија од ноември, привремено се затворени четири од вкупно 33 преговарачки поглавја.

Во јули беа затворени поглавјата за наука и истражување, образование и култура и надворешни односи. Во октомври им се приклучи поглавјето за претпријатија и индустриска политика. Комисијата во ноември објави и индикативен патоказ за натамошните чекори.

Земјата има кандидатски статус од 2014 година, а првата меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори се одржа во јули 2022 година. Првиот кластер, „Темели“, беше отворен во октомври 2024 година.

Back to top button
Close