ПОПУСТ НА МИТО
Ако веќе градежниците треба да дадат попуст на становите, ќе треба и тие што им ги даваат градежните дозволи да дадат попуст на митото.
Ќе се фати премиерот Христијан Мицкоски на некоја тема што ќе си ја смисли и ќе си ја повторува едно десетина дена по неколку пати дневно, додека не смисли нова. А ние претходната ќе ја заборавиме. Овојпат, темата му е во тренд. Цела недела сите нудат попусти за „блек фрајдеј“ за сè и сешто, а Мицкоски нуди попусти за станови. Најавува дека ќе ги обврзе градежните компании десет отсто од становите што ги градат да ги продаваат со попуст од 20 отсто на млади брачни двојки до 35 години. Ако не се согласат, нема да добијат градежни дозволи.
Како ќе го регулира тоа? Вели, со специјален закон.
Финтите со „блек фрајдеј“ се познати. Пред крај на ноември ги зголемуваш цените, па после даваш попуст и производите ги спушташ на старите цени.
Ама има и други прашања што треба да се регулираат со овој специјален закон. На пример, што ако еден од партнерите во бракот има 32, а другиот има 36 години? Дали и на двајцата ќе им им следува попуст? А што ако се разведат откако ќе го купат станот? Колку години не смеат да се разведуваат?А и не мора да се разведат. Можат да го продадат. Во тој случај, ќе треба ли Уставниот суд да одлучува дали бракот е склучен од љубов или заради попуст? А зошто попустите да важат само за брачни парови? И колку деца треба да имаат? А смеат ли два стана да купат, да имаат и за децата? А зошто да не им се дава попуст на самохрани родители? А зошто не и на самци што сакаат да формираат семејство?
Сите овие дилеми ќе се разрешат со подзаконски акти. За сè да биде таман, согласно најпознатиот македонски начин: „Сè е по закон, шефе“.
Само, која ли инспекција ќе проверува дали ќе има злоупотреби и изигрување на законот? Оваа инспекција што сега ја средува кризата со кравите во Крива Паланка, и со Стојне од Куклици која на црно наплаќа влезници на заштитен локалитет? Да не го споменуваме Кочани, оти таа трагедија од непостапување на едно чудо инспекции од локално до централно ниво едноставно не е споредлива со ништо.
Со оглед на тоа како функционира спрегата меѓу властите со градежниците и како им се издаваат дозволи за градење, колку пати им се прогледува низ прсти за дивоградби и доградби, пријавени, а необезбедени паркинг-места и божем гаражи, за пристапни улици, за зеленило и за урбанистички решенија, градежниците би требало и без пари да им даваат станови на младите брачни двојки, а не со попуст.
Ама, ако веќе градежниците треба да дадат попуст на становите, ќе треба и тие од Општина што им ги даваат градежните дозволи да дадат попуст на митото.
Не знам чуму шокираноста од интервјуто на премиерот на ТВ Телма, кога рече дека може да нарача текст во кој било медиум, па уште и се дообјасни дека не гледа ништо лошо во тоа.
Кога неговата партија ВМРО-ДПМНЕ беше на власт 11 години, од собраниската говорница слушавме пратеници како се закануваат со: „Ќе те спружам на насловна“. И вистински спружуваа. Од „бомбите“ со нелегално прислушуваните разговори слушавме и како се нарачуваат прилози на вести, како се договараат насловни страници, па дури и како се гаси струја во телевизија. Впрочем, во тоа време бев уредник на „Вест“, па памтам и јас некои работи.
Ако некој бил политички воспитуван во таква партиска традиција, зошто нè чуди дека кога ќе стане премиер, нему му е сосема нормално да нарачува новинарски текстови?
А искрено, не ме чуди ни што има медиуми што го увериле дека е во право.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






