Левица: Јаневска ги нарече студентите ненормални наместо да одговори за непочитувањето на законот – Левица утре повторно поднесува закон за зголемување на студентскиот оброк

Наместо да понесе одговорност за повеќегодишното неусогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, Јаневска си зема за право да ја преиспитува логиката на студентскиот револт. Врв на ароганција!
Според пресметките кои Левица ги обелодени уште во август, студентите се оштетени за околу 400 милиони денари!
Ова скромно право нс студентите не ни треба да биде предмет на пазарење за средства кои секако им следуваат согласно закон. Усогласувањето на студентскиот оброк со инфлацијата е експлицитна законска обврска, а не дискреционо право на министерката. Најавените нови модели за октомври 2027 година не можат да го надоместат досегашното неисполнување на оваа обврска!
Левица изминатиов период ги активираше сите расположливи институционални механизми – од поднесување законски измени и амандмани, до иницирање судска постапка и доставување претставка до Народниот правобранител. Парламентарното мнозинство веќе одби предлози на Левица за зголемување на студентскиот оброк, додека Јаневска сега ги упатува студентите да чекаат судска разрешница за остварување на законски загарантирано право.
Кога власта одбива да си ја изврши законската обврска – пратеничката група на Левица утре повторно ќе поднесе предлог-закон за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.
Не се студентите тие кои треба да ја докажуваат логиката на својот протест, туку Јаневска е таа која треба да ја објасни причината за своето непостапување по закон.






