Вучиќ е за тоа СНС да нема свој претседателски кандидат, партијата ќе одлучи на 3 декември

Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, најави дека Главниот одбор на Српската напредна странка (СНС) во четврток, на 3 декември, ќе одлучи дали и како партијата ќе учествува на претседателските избори. Се разгледуваат три опции, а Вучиќ рече дека лично се противи на првата – СНС да настапи со свој кандидат.

„Втората опција е да поддржиме некого од независните кандидати. Повеќе луѓе нè прашаа за тоа. А третата е да не излеземе со кандидат. Притоа, воопшто не мора да водиме активна кампања за бојкот“,рече Вучиќ.

Според него, третата опција е најдобра, иако, со оглед на расположението во партијата, можно е Главниот одбор да донесе и поинаква одлука.

„Некој би рекол дека сум тврдоглав. Јас мислам дека сум принципиелен кога зборувам за ова“,рече тој

Вучиќ кажа дека поранешната министерка Зорана Михајловиќ му рекла дека размислува да се кандидира како независна кандидатка и дека смета оти е време жена да биде претседателка на Србија. Како друга можност што ја слушнал, го спомена името на Драган Ј. Вучиќевиќ.

„Слушнав и предлози за кандидатура на Драган Ј. Вучиќевиќ. Би било интересно главниот политички соперник да ви биде зад решетки. Ни самиот не знам што би ви рекол. Да, Зорана рече дека е ред жена да биде претседателка. Јас велам, сè е во ред, сè почитувам, но мислам дека имам одредени принципи. Дали ќе се држиме до тие принципи или не, за тоа ќе одлучуваме“,рече Вучиќ на прес-конференција.

Кој досега најави кандидатура?

Претседателските избори во Србија се закажани за 27 декември, а рокот за поднесување кандидатури истекува на 6 декември на полноќ. Досега се јавно најавени четири имиња.

Студентското движење на 27 ноември го претстави Радомир Саичиќ, професор по хемија, академик и пратеник од Студентската листа, како свој кандидат за претседател. Викендов во повеќе од 15 градови низ Србија се собираат потписи за неговата кандидатура.

Покрај Саичиќ, учество во претседателската трка најавија и Бранимир Несторовиќ, лидер на движењето „Ние – силата на народот“, Бранко Павловиќ, адвокат кој побара поддршка од граѓаните за собирање потписи, и Богољуб Кариќ, бизнисмен и лидер на движењето „Силата на Србија“.

Back to top button
Close